УБИЕН ЛИДЕРОТ НА ХЕЗБОЛАХ, ХАСАН НАСРАЛАХ, ОБЈАВИ ИЗРАЕЛ

    УБИЕН ЛИДЕРОТ НА ХЕЗБОЛАХ, ХАСАН НАСРАЛАХ, ОБЈАВИ ИЗРАЕЛХезболах досега не се огласил за статусот на Насралах, кој ја водеше групата 32 години (Фото: АП)

    Израелската војска објави дека го убила лидерот на Хезболах, Саед Хасан Насралах, во вчерашниот воздушен напад врз централното седиште на групата во јужните предградија на Бејрут. Хезболах досега не се огласил за статусот на Насралах, кој ја водеше групата 32 години.

    Го елиминиравме Хасан Насралах, лидерот на терористичката организација Хезболах. Тој веќе нема да биде во можност да го тероризира светот“, изјави портпаролот на израелската војска Авишај Андрае.

    Израел вчера и денеска изведе серија воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут, кои важат за упоришта на Хезболах.

    Нашите борбени авиони извршија напад врз централниот штаб на Хезболах, кој се наоѓаше под земја, вграден под станбена зграда во Бејрут. Нападот беше изведен додека високиот синџир на команда на групата дејствувал од предградието Дахие. Покрај Насралах, во нападот се убиени и други искусни членови на Хезболах“, објавија Израелските одбранбени сили.

    Насралах важеше за една од најпознатите и највлијателни личности на Блиски Исток. Тој не беше виден во јавност со години од страв дека ќе биде убиен и се огласуваше преку снимени видеообраќања.

    Насралах, кој имаше блиски врски со Иран, одигра клучна улога во претворањето на Хезболах во политичка и воена сила и помогна да се тренираат борци на Хамас и милиции од Јемен и Ирак.

    Роден во 1960 во Бејрут, Насралах на 15 години му се придружил на шиитското движење Амал, кое подоцна станало основа на Хезболах. Тој бил избран за лидер на групата во 1992 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира