Украина ги проучува остатоците од новиот руски балистички проектил со среден дострел со кој беше погоден Днипро во четвртокот, што беше прва употреба на ова оружје во воени услови. Мала група новинари доби пристап до изгорените и распарчени остатоци од проектилот „орешник“, при што беа замолени да не ја откриваат нивната точна локација од безбедносни причини.
Украински експерти се надеваат дека на овој начин ќе добијат увид во ланците на снабдување на руската војска и производството, но и како да развијат контрамерки.
Владимир Путин тврди дека ниедна противвоздушна одбрана на светот не може да го пресретне „орешник“, кој достигнал максимална брзина од над 13.000 километри на час на својот лет од Астрахан до Днипро. Проектилите со среден дострел имаат домет до 5.500 километри.
„Со сигурност може да се каже дека ова е балистички проектил. Ова е првпат да бидат откриени остатоци од ваков проектил на територијата на Украина“, изјави еден украински истражител.
Володимир Зеленски изјави дека лансирањето на „орешник“ претставува сериозна ескалација, додека Путин се закани дека Русија е спремна повторно да го употреби.
Американската војска кажа дека дизајнот на „орешник“ е заснован врз интерконтиненталната балистичка ракета со подолг дострел „рубеж РС-26“.
„Ова е експериментален проектил и Русија веројатно ги има само неколку“, смета Пентагон.