Украина неофицијално ја презеде одговорноста за денешната експлозија во Москва, во која загинаа еден од најважните руски генерали Игор Кирилов и негов помошник. Тие беа убиени по детонацијата на експлозив поставен на електричен тротинет, на улица оддалечена само седум километри од Кремљ.
Генерал-полковникот Кирилов (54) беше шеф на руските нуклеарни, биолошки и хемиски одбранбени сили од април 2017 и нападот се случи само ден откако украинската тајна служба (СБУ) го обвини дека е одговорен за масовна употреба на забранетото хемиско оружје во Украина.
Извор од украинските безбедносни служби изјави за новинските агенции „Ројтерс“ и „АФП“ дека Украина го извршила убиството на Кирилов. И украинските медиуми објавија дека зад нападот стои СБУ, повикувајќи се на неименуван извор од службата.
„Кирилов беше легитимна мета, имајќи предвид дека беше воен злосторник кој давал наредби за употреба на забранетото хемиско оружје против украинската војска“, изјави извор на Би-Би-Си.
Рускиот Истражен комитет го опиша убиството на Кирилов како терористички чин.
„Инцидентот е класифициран како терористички чин, убиство и илегална трговија на оружје и муниција“, изјави портпаролката на Истражниот комитет, Светлана Петренко.
Во октомври, Велика Британија воведе санкции против Кирилов, велејќи дека тој ја одобрил употребата на хемиското оружје на бојното поле во Украина. СБУ кажа дека од почетокот на војната Русија употребила хемиско оружје повеќе од 4.800 пати, поради што биле хоспитализирани над 2.000 украински војници, а тројца и починале.
Високи руски функционери го обвинија западот дека го организирал убиството на Кирилов.
„Кирилов со години систематски ги разоткриваше злосторствата на Англосаксонците. Тој беше личност кој ја разбра и ја следеше целата криминална активност на САД и нивните сателити, вклучително и нивните криминални биолаборатории и ширењето на хемиското и биолошкото оружје“, изјави заменик-шефот на руската Дума, Андреј Гуруљов.