Украина брза да ги зајакне своите позиции во стратешкиот источен транспортен центар Покровск откако околу 200 руски војници се инфилтрирале во градот во мали групи, соопшти украинската војска.
Украинскиот генералштаб, кој ја направи проценката на непријателските сили, извести за престрелки со лесно оружје и за активно распоредување на беспилотни летала. Руското министерство за одбрана соопшти дека неговите напаѓачки трупи се обидуваат да напредуваат во близина на железничката станица.
„Во градот и на пристапите кон градот се водат жестоки борби. Логистиката е тешка, но мора да продолжиме да ги уништуваме окупаторите“, изјави претседателот Володимир Зеленски.
Русија повеќе од една година се обидува да го окупира Покровск, сметајќи го за клучен за целосно заземање на регионот Доњецк.
„Окупаторите кои влегоа во градот не се обидуваат да го заземат, туку имаат намера да напредуваат подалеку на север. Непријателот со тоа сака да ги растури нашите одбранбени сили и да ги блокира копнените логистички коридори“, соопшти украинската војска.
Зеленски кажа дека Русија ги концентрирала своите главни ударни сили во битките за Покровск. Украинскиот проект за мапирање „Дип стејт“ минатата недела ја намали областа југозападно од Покровск што е под украинска контрола.
Русија контролира 75% од Доњецк, додека Украина и натаму држи 6.600 квадратни километри од регионот. Русија постојано тврди дека напредува во регионот, но повеќе од една година не успева да обезбеди никаков стратешки пробив.



