Русија ги повлекла сите свои воени бродови од Азовското Море, кое е поврзано со Црното Море, вели Украина.
„Веќе нема руски воени пловила во Азовското Море“, изјави Дмитро Плетенчук, портпарол на украинската морнарица.
Постојаните украински воздушни напади врз руски цели во Црното Море и на анектираниот полуостров Крим во изминатите месеци ја принудија руската морнарица да се повлече и стационира во други бази, велат украински воени офицери, што се смета за голема победа на земјата која нема сопствена вистинска морнарица.
Украина користеше беспилотни пловила наполнети со експлозив за да напаѓа руски бродови и ги ракетираше капацитетите на руската црноморска флота со проектили добиени од западот. Украинската војска завчера кажа дека го уништила последниот железнички траект што се користел за превоз на руска воена опрема на Крим.