Украинската војска објави дека делумно се повлекла од стратешки важниот град Часив Јар во регионот Доњецк, ден откако Русија кажа дека нејзините сили презеле контрола врз една населба во градот.
Часив Јар е сместен на висорамнина и ако успеат да го заземат, руските трупи ќе бидат во добра позиција да напредуваат кон Краматорск и Словјанск, последните големи украински упоришта во Доњецк. Москва вчера објави дека руските сили ја зазеле населбата Нови, западно од каналот кој минува низ источниот дел на градот.
„Беше непрактично да се остане во каналската населба откако непријателот влезе во неа и ги уништи позициите на нашите бранители. Затоа беше донесена одлука за повлекување на позаштитени и поподготвени позиции, додека непријателот продолжи со борбените активности“, изјави портпаролот на украинските сили Назар Волошин.
И додека руската офанзива во регионот Харкив беше запрена, руските сили продолжија да напредуваат во Доњецк. Покрај Часив Јар, украинската војска вели дека се засилуваат и борбите кај градот Торецк.