Моќниот ураган Берил ја погоди Јамајка со силни ветрови и дожд, при што оштети згради и донесе поплави и во главниот град Кингстон. Бурата од четврта категорија удри во јужниот брег на островот со ветрови од 215 километри на час, при што загина најмалку едно лице.
Берил, кој веќе неколку дена пустоши низ Карибите, досега однесе десет животи, но се очекува бројот на жртвите да расте.
Главните аеродроми на Јамајка се затворени, а улиците главно се празни откако премиерот Ендрју Холнес прогласи вонредна состојба и воведе полициски час. Низ земјата нема струја, а некои патишта покрај брегот се поплавени.
До средата вечер по локално време, окото на ураганот беше 160 километри западно од Кингстон, а бурата се движеше кон Кајманските Острови и Мексико. Берил притоа одржуваше максимална брзина на ветровите од 209 километри на час. Националниот центар за урагани на САД објави дека ветровите би можеле да ослабнат во следните два дена.
Берил претходно помина низ карипските држави Гренада и Свети Винцент и Гренадини, каде што најтешко помина островот Јунион, на кој се уништени 90% од домовите.