Порторико, дом на 3,5 милиони луѓе, со месеци би можел да биде без електрична енергија, откако се најде на патот на ураганот Марија, кој претходно усмрти 15 луѓе на островот Доминика.
Вторпат овој месец, низ Кариби помина ураган од петта категорија, па иако Марија во меѓувреме ослабна, таа се уште е голема закана за островските држави Доминиканска Република и Туркс и Каикос.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека Порторико е „тотално збришан“ и најави дека наскоро ќе ја посети оваа американска територија и ќе и одобри федерална помош.
„Ова е најуништувачкиот ураган што го погодил Порторико во последните сто години. Марија толку многу ја уништи електричната мрежа, што ќе требаат месеци да се поврати струја во домовите. Но, Господ е со нас, ние сме посилни од кој било ураган“, кажа гувернерот на островот, Рикардо Росело.
Марија претходно предизвика огромни штети и ја поплави малата островска држава Доминика.
„Ураганот Марија уби најмалку 15 луѓе на Доминика“, изјави премиерот Рузевелт Скерит, додавајќи дека и неговиот дом е уништен.