Ураганот Мелиса ја погоди Јамајка како ураган од петта категорија, објави американскиот Национален центар за урагани (НХЦ). Оттаму додаваат дека тоа е еден од најмоќните урагани кои досега биле регистрирани во атлантскиот регион.
Од владата на Јамајка кажаа дека 35% од државата останале без струја, при што најмногу се погодени јужните и централните делови и дека се отворени 800 засолништа за жителите.
НХЦ соопшти дека ураганот удрил во Јамајка со ветрови со проценета максимална брзина од 295 километри на час.
„Бурата е екстремно опасна и загрозува животи. Граѓаните се повикуваат да не го напуштаат своето засолниште додека окото на ураганот минува низ земјата зашто ветерот брзо ќе се засили повторно од другата страна на окото“, кажаа од НХЦ.
Бавното движење на бурата над необично млаката карипска вода придонесе за нејзиното зголемување во обем и сила, поради што на Јамајка ѝ се закануваат долготрајни силни ветрови и врнежи, што може да доведе до поплави и свлечишта.
Премиерот Ендрју Холнес нареди евакуација на дел од населението и затворање на училиштата и аеродромите. Тој побара странска помош и најави дека се очекуваат штети на фарми, домови, мостови, патишта и пристаништа.
„Не постои инфраструктура во регионот што може да издржи ураган од петта категорија“, рече Холнес.
Јамајка последен пат беше директно погодена од ураган во 1988, но тој беше од трета категорија, при што загинаа 49 луѓе. Мелиса спаѓа во најмоќните циклони кои биле следени и е веднаш зад ураганот Патриција во Мексико во 2015 и тајфунот Тип во 1979.
„Ова е катастрофална ситуација. Може да има урување на згради, а највисоките планини на Јамајка би можеле да доживеат налети на ветер до 321 км/ч“, изјави Мајкл Бренан, директорот на НХЦ.



