Ураганот Мелиса стигна до Куба како ураган од трета категорија, носејќи ветрови од 205 километри на час, откако помина низ Јамајка како најсилниот познат циклон што ја погодил оваа земја. Мелиса удри во Јамајка со ветрови од 295 километри на час, според американскиот Национален центар за урагани, со што значително беше надмината јачината на ветровите со која се означува ураган од највисоката, петта категорија.
Јамајканскиот премиер Ендрју Холнес изјави дека се очекуваат уништувачки штети секаде каде што поминало окото на ураганот. Властите кажаа дека градот Сент Елизабет е потопен, а повеќе од половина милион жители останале без струја и телефонски услуги. Засега нема информации за жртви.
„Со оглед на јачината на ураганот и обемот на штетата, очекуваме дека ќе има загуба на животи“, рече Холнес, прогласувајќи состојба на катастрофа на целиот остров.
Претседателот на Куба, Мигел Дијас-Канел Бермудес, изјави дека поради ураганот се евакуирани над 735.000 луѓе во земјата. Мелиса ослабна кога стигна до Куба, но се очекува да остане моќен ураган на својот пат кон Бахами и Бермуда.
Метеоролозите ја прогласија Мелиса за третиот најсилен ураган кој бил следен во Карибите, по Вилма во 2005 и Гилберт во 1988.
„Ова е катастрофална ситуација. За Јамајка сигурно ќе биде бура на векот“, изјави специјалистката за тропски циклони од Светската метеоролошка организација Ен-Клер Фонтан.
Обемот и силата на ураганот се зголемуваа додека се движеше над невообичаено млаките карипски води и метеоролозите предупредија дека неговото бавно движење може да се покаже како особено уништувачко.



