УСМРТЕН ЗАЛУТАНИОТ КИТ БЕЛУГА КОЈ УТРОВО БЕШЕ ИЗВАДЕН ОД РЕКАТА СЕНА

    УСМРТЕН ЗАЛУТАНИОТ КИТ БЕЛУГА КОЈ УТРОВО БЕШЕ ИЗВАДЕН ОД РЕКАТА СЕНАПрвичниот план беше китот да се лекува неколку дена, пред да биде пуштен во отворено море (Фото: АП)

    Китот белуга кој една недела беше заглавен во реката Сена во Франција беше усмртен откако денеска беше изваден од водата по шестчасовна операција, објавија официјални лица и екологисти. Ветеринарите донеле ваква одлука додека четири метри долгиот кит беше транспортиран во камион-ладилник.

    Првичниот план беше китот да се лекува неколку дена, пред да биде пуштен во отворено море. Китот залута повеќе од 100 километри во внатрешноста на Франција и неговото здравје почна да се нарушува зашто одбиваше да јаде.

    „Со тешко срце мора да објавиме дека белугата не преживеа. Погодени сме од ваквиот трагичен исход, за кој бевме свесни дека е можен. И доколку останеше во реката, китот ќе беше осуден на сигурна смрт. Ова беше ризична операција, но мораше да пробаме“, објави конзерваторската група „Морски пастири од Франција“.

    Китот тежок 800 килограми утрово беше извлечен од водата, но неговата состојба дополнително се влошила при транспортот. Тој сè уште бил жив кога пристигнал во пристаништето Уистрехам, но бил слаб и тешко дишел.

    Експертите се зачудени како китот стигнал толку далеку од своето природно живеалиште и веруваат дека веќе бил болен. Според француската опсерваторија „Пелажис“, најблиската популација на белуги е забележана покрај норвешкиот архипелаг Свалбард, 3.000 километри од Сена.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира