ВЧЕРАШНИОТ НАПАД СО НОВИОТ ПРОЕКТИЛ БЕШЕ ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА ЗАПАДОТ, КАЖА КРЕМЉ

    ВЧЕРАШНИОТ НАПАД СО НОВИОТ ПРОЕКТИЛ БЕШЕ ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА ЗАПАДОТ, КАЖА КРЕМЉВо нападот бил погоден индустриско-воен комплекс во Днипро (Фото: Укринформ)

    Вчерашниот напад врз Днипро со нов хиперсоничен балистички проектил имаше за цел да го предупреди западот дека Русија ќе одговори на секој украински напад со американски и британски ракети, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков. Тој додаде дека Русија не била обврзана однапред да ги извести САД за нападот, но сепак го направила тоа 30 минути пред лансирањето.

    „Главната порака е дека непромислените одлуки и дејствија на западните земји кои произведуваат ракети, ја снабдуваат Украина со нив и со тоа учествуваат во удари врз руска територија не можат да останат без реакција од руската страна. Сигурни сме дека Америка ја сфатила пораката на вчерашниот напад. Владимир Путин останува отворен за дијалог“, кажа Песков.

    Владимир Путин синоќа потврди дека во нападот бил употребен новоразвиен балистички проектил со среден дострел „орешник“, кој може да носи и нуклеарна боева глава и дека тоа било негово тестирање во борбени услови. Во нападот бил погоден индустриско-воен комплекс во Днипро.

    Според украинските разузнавачи, на проектилот му требале 15 минути за да стигне до Днипро откако бил лансиран од рускиот регион Астрахан и бил вооружен со шест боеви глави.

    Володимир Зеленски кажа дека лансирањето на проектилот претставува нова ескалација на војната.

    „Ова е уште еден доказ дека Путин не е заинтересиран за мир. Тој чини сѐ за да ја продолжи војната и затоа светот мора да реагира. Русија мора да се натера на вистински мир“, кажа Зеленски.

    Рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов изјави по вчерашниот напад дека Русија го спречила остварувањето на украинските воени планови до крајот на годината.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира