Венецуела ги прекина сите врски со САД, откако тие го признаа опозицискиот лидер Хуан Гуаидо за нов привремен претседател.
Актуелниот претседател Николас Мадуро им даде рок од 72 часа на сите дипломати да ја напуштат земјата, на што САД одговорија дека тој како „поранешен лидер нема овластување да го направи тоа“. САД ја повикаа војската да му дадат поддршка на Гуаидо, но таа засега му останува лојална на Мадуро.
Мадуро стана претседател по смртта на Уго Чавес во 2013 година и овој месец положи заклетва за втор мандат, откако изборите во мај беа проследени со бојкот на опозицијата и обвинувања за местење. Венецуела е во голема економска криза поради што милиони луѓе ја напуштија земјата во која владеат хиперинфлација и недостиг на основни средства за живот.
Илјадници луѓе на вчерашниот марш му дадоа поддршка на 35-годишниот Гуаидо, кој е на чело на Националното собрание. Тој кажа дека протестите ќе продолжат додека „Венецуела не биде ослободена“ и ја повика армијата да не ѝ служи на владата. Освен САД, Гуаидо за претседател го признаа и Бразил, Колумбија, Чиле, Перу, Еквадор, Аргентина и Парагвај, поддршка му даде и Канада, додека Европска Унија повика на нови избори.