Потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс, замина на пресудни преговори со Иран во Исламабад, додека Техеран инсистира на мерки пред да можат да се одржат мировни разговори. Прекинот на огнот ги запре воздушните напади на САД и Израел врз Иран, но тоа не ја заврши иранската блокада на Ормускиот Теснец, ниту ја смири паралелната војна помеѓу Израел и Хезболах во Либан.
Претседателот на иранскиот парламент Мохамед Багер Калибаф изјави дека Вашингтон претходно се согласил да ги одблокира иранските средства и да склучи примирје во Либан, додавајќи дека разговорите нема да започнат сè додека не се исполнат тие ветувања. Неговиот став го повтори и министерот за надворешни работи Абас Аракчи, кој побара крај на израелските воздушни напади врз Либан. Се очекува двајцата функционери да бидат присутни на разговорите, соопштија пакистански извори.
Иран не можеше да добие свои десетици милијарди долари во странски банки, главно од извозот на нафта и гас, поради санкциите на САД врз неговиот банкарски и енергетски сектор.
Доналд Трамп рече дека единствената причина зошто Иранците се живи е за да преговараат за договор.
„Иранците се чини не сфаќаат дека немаат карти, освен краткорочната изнуда на светот со меѓународни водни патишта. Единствената причина зошто се живи денес е за да преговараат“, рече тој.
Венс, кој ќе ја предводи американската делегација, рече дека очекува позитивен исход, но додаде:
„Ако Иранците се обидат да нè изиграат, ќе откријат дека нашиот преговарачки тим не е ни малку попустлив“.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф во национално обраќање кажа дека влогот од разговорите е огромен.
„Трајното примирје е следната тешка фаза, а тоа е решавање на сложените прашања преку преговори. Ова е пресудна фаза“, рече Шариф.
Трамп предупреди дека САД ги полнат своите воени бродови со најдоброто оружје во случај мировните преговори со Иран да пропаднат,
„Ќе дознаеме за околу 24 часа. Ако немаме договор, ќе ги користиме многу ефикасно“, рече тој.



