Од Вил Смит било побарано да си замине од оскаровската церемонија откако го удри Крис Рок на сцената, но одби, соопшти Академијата за филмска уметност и наука. Таа исто така вели дека покренала дисциплинска постапка против Смит.
Смит се качи на сцената откако Рок кажа шега за избричената глава на неговата сопруга Џејда Пинкет-Смит, која се бори со алопеција поради што ѝ опаѓа косата, при што му удри шамар и потоа се врати на своето место во публиката. Набргу потоа, Смит го прими Оскарот за најдобра машка улога и се извини, но не и на Рок.
„Од Вил Смит беше побарано да си замине, но одби. Признаваме дека можевме и поинаку да ја решиме ситуацијата“, кажа Академијата.
Оттаму додаваат дека мерки против Смит би можеле да бидат преземени на следниот состанок на бордот на 18 април и тие вклучуваат суспензија, исклучување или други санкции. Одземањето на Оскарот не е спомнато.
Смит во вторникот му се извини и на Рок, опишувајќи го своето однесување како неприфатливо и неоправдано.