Владата на Доналд Трамп им нареди на амбасадите да престанат да закажуваат состаноци за интервјуа со барателите на студентски визи додека се подготвува да ја прошири проверката на апликантите на социјалните мрежи. Во меморандум испратен до дипломатските претставништва, државниот секретар Марко Рубио рече дека „паузата ќе трае до издавање дополнителни упатства“.
Ова доаѓа среде спорот на Трамп со некои од најелитните американски колеџи, за кои тој верува дека се премногу левичарски. Тој вели дека некои од нив овозможиле ширење на антисемитизмот во кампусот и ја поддржуваат дискриминаторската политика за прием.
Во меморандумот на Стејт департментот им се наложува на американските амбасади да ги отстранат сите непополнети термини за состаноци за студентски визи од своите календари, а оние кои веќе се закажани можат да продолжат.
Странските студенти кои сакаат да учат во САД вообичаено треба да закажат интервју во американската амбасада во нивната земја пред да им биде одобрено тоа. Многу институции се потпираат на странските студенти во своето финансирање зашто нивните школарини се значително повисоки.
„Ние многу сериозно го сфаќаме процесот на проверка на тоа кој доаѓа во нашата земја и ќе продолжиме да го правиме тоа“, изјави портпаролката на Стејт департментот Тами Брус.
Владата на Трамп замрзна стотици милиони долари федерални средства за универзитетите, отповика илјадници студентски визи и презеде чекори за депортирање студенти. Белата куќа обвини некои универзитети дека дозволиле антисемитизам на пропалестинските протести во својот кампус, додека колеџите ја обвинија владата дека спречува слобода на говор.