Американските специјалци го ликвидираа лидерот на Исламска држава во денешниот напад во северозападна Сирија, изјави Џо Бајден.
„Благодарение на вештините и храброста на нашите вооружени сили, од бојното поле го елиминиравме Абу Ибрахим ал-Хашими ал-Курајши. Сите Американци кои учествуваа во операцијата безбедно се вратија“, кажа Бајден.
Сириските итни служби рекоа дека во нападот во градот Атмех во провинцијата Идлиб загинале 13 луѓе, од кои шест деца.
Според локални извори, неколку американски хеликоптери слетале во областа синоќа пред полноќ, при што дошло до вооружен судир. Борбите траеле околу два часа пред хеликоптерите да заминат.
Се верува дека ова беше најголемата американска операција против Исламска држава во Сирија од убиството на претходникот на Курајши, Абу Бакр ал-Багдади, во октомври 2019.