Грчкиот писател Петрос Хаџопулос и неговиот партнер станаа првата геј двојка во Грција која се венчаше откако земјата ги озакони истополовите бракови пред повеќе од три недели.
Граѓанскиот брак на Хаџопулос, кој објавува под уметничкото име Август Корто, и адвокатот Анастасиос Самулидис беше поздравен од градоначалникот на Атина, Харис Дукас. Дваесетина гости присуствуваа на церемонијата во градското собрание на Атина.
„Ова е сон за кој не се осмелувавме ни да сонуваме додека бевме тинејџери. Има многу симболика во овој наш гест“, изјави Хаџопулос.
Градоначалникот Дукас ја опиша венчавката како историски момент, додавајќи дека секој жител на Атина би требало да живее и сака на начин што ќе го избере.
Грција на 15 февруари стана првата православна држава на светот која ги озакони истополовите бракови, и покрај жестокото противење од моќната Грчка црква. Законот исто така ги признава родителските права на геј двојките, но не им дозволува да имаат деца преку сурогат мајчинство.