ВО ЧЕРЕПОТ НА 13-ГОДИШЕН АНГЛИЧАНЕЦ ВГРАДЕН УРЕД ЗА КОНТРОЛА НА ЕПИЛЕПТИЧНИ НАПАДИ, ПО ШТО НИВНИОТ БРОЈ СЕ НАМАЛИЛ ЗА 80%

    ВО ЧЕРЕПОТ НА 13-ГОДИШЕН АНГЛИЧАНЕЦ ВГРАДЕН УРЕД ЗА КОНТРОЛА НА ЕПИЛЕПТИЧНИ НАПАДИ, ПО ШТО НИВНИОТ БРОЈ СЕ НАМАЛИЛ ЗА 80%Оран Ноулсон има синдром Ленокс-Гасто, форма на епилепсија која првпат му се појавила кога имал три години

    Млад Англичанец со сериозна епилепсија стана првиот човек на светот на кого му бил вграден уред во черепот за контрола на нападите. Невростимулаторот, кој испраќа електрични сигнали длабоко во мозокот, ги намалил дневните напади кај Оран Ноулсон за 80%.

    „Тој сега е многу посреќен и има многу подобар квалитет на животот“, изјави неговата мајка.

    Операцијата била извршена во октомрви во рамките на тестирањето во болница во Лондон, кога Оран имал 12 години (во меѓувреме наполни 13). Оран има синдром Ленокс-Гасто, форма на епилепсија што не може да се лекува, која првпат му се појавила кога имал три години. Оттогаш, секојдневно страдал од напади, чиј број се движел од дваесетина до 100.

    „Епилепсијата доминираше во неговиот живот и го лиши од нормално детство. Му се случуваа напади од различен тип, при што знаеше и да изгуби свест. Во некои ситуации престануваше да дише и моравме да го оживуваме со лекови“, кажа Џастин Ноулсон.

    Оран има и аутизам и АДХД, но Џастин вели дека епилепсијата се покажала како најголема пречка во неговиот живот. Тој е дел од проектот „КАДЕТ“, серија испитувања кои ги проценуваат безбедноста и делотворноста на длабоката мозочна стимулација за тешка епилепсија.

    Нападите на епилепсија се активираат од абнормални изливи на електрична активност во мозокот. Уредот, кој емитува постојан пулс на струја, има за цел да ги блокира или попречи абнормалните сигнали.

    Операцијата врз Оран траела околу осум часа. Тимот хирурзи вметнал две електроди длабоко во мозокот на Оран додека не стигнале до таламусот. Границата на грешка за нивно поставување била помала од еден милиметар. Краевите биле поврзани со невростимулаторот, уред голем 3,5 сантиметри, кој бил сместен во празнина во черепот на Оран, каде што била отстранета коската. Невростимулаторот потоа бил зацврстен во черепот.

    Оран заздравувал од операцијата еден месец, пред невростимулаторот да биде вклучен. Кога е вклучен, Оран не го чувствува, а уредот може да се полни секој ден преку безжични слушалки.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира