Германската полиција го уапси соработникот на Максимилијан Крах, европратеникот од редовите на крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија (АфД), под обвинение дека шпионирал за Кина. Џијан Гуо работел за Крах, кој ќе биде кандидат и на претстојните избори за Европскиот парламент.
„Џијан Гуо е припадник на кинеска тајна служба“, објави јавното обвинителство на Германија.
Бомбастичното апсење се случува додека АфД котира на второто место на национално ниво и поттикна повици да се разбијат кинеските и руските инфилтратори кои сакаат да влијаат врз европската демократија. Белгија неодамна покрена истрага против мрежа на европски политичари, вклучувајќи европратеници, кои биле платени од еден медиум да шират проруска пропаганда.
Јавното обвинителство на Германија објави дека соработникот на Крах постојано проследувал информации за преговори и одлуки во Европскиот парламент и дека ги шпионирал кинеските опозиционери во Германија. Крах тврди дека не бил свесен за наводните шионски активности на Гуо.
„За апсењето на Гуо дознав од медиумите. Немам други информации“, изјави Крах.