Еврејска група за човекови права побара од хрватските власти да забранат книга која ги негира злосторствата извршени од пронацистичкиот режим во Хрватска за време на Втората светска војна.
Водечкиот ловец на нацисти Ефраим Зуроф, шеф на центарот „Симон Визентал“, вели дека книгата „Разоткриената лага за Јасеновац“, која има тројца автори, негира дека во озлогласениот концентрациски логор постојано масовно се убивале Срби, Евреи, Роми и хрватски антифашисти.
„Овие злосторства се поткрепени од историски документи, сведоштва на преживеаните и од научни истражувања спроведени од страна на голем број реномирани историчари. Книги како оваа со право веднаш би биле забранети во Германија и Австрија“, вели Зуроф.
Според историските книги, усташкиот режим убил повеќе од 83.000 луѓе во логорот Јасеновац од 1941 до 1945 година. Хрватските десничари тврдат дека станува збор за многу помали бројки.