Министерот за одбрана Пит Хегсет изјави дека војската ќе остане во Лос Анџелес 60 дена „за да се погрижи бунтовниците, ограбувачите и насилниците кои ги напаѓаат полицајците да знаат дека нема да одиме никаде“.
Стотици маринци ноќеска пристигнаа во Лос Анџелес и денеска ќе дојдат уште откако Доналд Трамп издаде наредба за нивно распоредување, заедно со илјадници припадници на Националната гарда, со цел да се смират протестите против рациите на имигранти, кои почнаа во петокот. Во градот оттогаш се одржуваат демонстрации и вчера главно биле мирни, кажаа локални функционери.
Градоначалничката Карен Бас изјави дека досега се уапсени околу 100 луѓе, но најголемиот дел од демонстрантите не биле насилни.
Распоредувањето на 700 маринци и 4.000 гардисти во Лос Анџелес ќе чини околу 134 милиони долари, кажаа од Пентагон. Нивната цел е да ги заштитат федералните објекти и персонал.
Трамп ја оправда својата одлука да распореди активни воени трупи во Лос Анџелес така што ги опиша протестите како насилна окупација, карактеризација за која гувернерот Гевин Њусом и Бас рекоа дека е крајно претерана. Њусом го обвини Трамп дека испраќа војници за намерно да ја разгори ситуацијата.
„Ова нема врска со јавната безбедност, туку со опасното претседателско его“, кажа Њусом, нарекувајќи го Трамп пореметен.
Трамп возврати дека Лос Анџелес ќе изгореше до темел доколку не распоредеше војници во градот.
Откако избија протестите, тие беа главно мирни, но имаше изолирани судири, при што некои демонстранти фрлаа камења и други предмети врз полицајците, блокираа меѓудржавен автопат и запалија неколку автомобили. Полицијата одговори со солзавец, гумени куршуми и шок-бомби.