Стотици новинари и други вработени во „Њујорк тајмс“ почнаа 24-часовен штрајк, прв во весникот по повеќе од 40 години. Тие изјавија дека им е доста од пазарењето што се влече уште од истекот на нивниот последен договор во март 2021.
Синдикатот минатата недела најави дека повеќе од илјада вработени ќе стапат во штрајк ако двете страни не постигнат договор до денеска.
„И официјално ја прекинавме работата, што е прв штрајк во компанијата во изминатите четири децении. Никогаш не е лесно да одбиеш да го работиш тоа што го сакаш, но подготвени сме на сè за да добиеме подобри работни услови за сите“, објави синдикатот на новинарите Њузгилд.
Во изминатите два дена имаше преговори, но двете страни и натаму имаат спротивни мислења за прашања како покачување на платите и работење од дистанца.
Нејасно е како весникот денеска ќе ги покрива настаните зашто штрајкот го поддржаа и оние од дигиталното издание.