Врховниот суд на Шпанија дозволи ексхумација на посмртните останки на диктаторот Франсиско Франко. Тој го поддржа планот на социјалистичката влада за преместување на неговите останки од државен мавзолеј на друга локација.
„Судот целосно ја отфрли жалбата на семејството на Франко против ексхумацијата на неговите останки“, соопшти судот.
Премиерот Педро Санчес изјави дека ова е голема победа за демократијата.
Франко, кој владееше со Шпанија од крвавата граѓанска војна во 1930-ите до смртта во 1975 година, почива во огромен мавзолеј наречен Долина на паднатите заедно со други жртви од војната. За многумина, мавзолејот е споменик на триумфот на фашизмот и стана светилиште за крајни десничари.
Според шпанските медиуми, владата би можела да го ексхумира Франко пред изборите на 10 ноември и да го погреба покрај сопругата на гробиштата северно од Мадрид.