Володимир Зеленски изјави дека ситуацијата во Доњецк е многу тешка и повика да се забрза испораката на новите оружја ветени од западните земји.
„Ситуацијата е многу тешка. Бахмут, Вухледар и другите сектори во регионот Доњецк се под постојан руски напад. Русија сака да ја развлече војната и да ги исцрпи нашите сили. Затоа мора што побрзо да добиеме оружје“, кажа Зеленски.
Украинската војска кажа дека ги одбила руските напади кај Бахмут, но во изминатите денови се засилуваат борбите кај Вухледар, град оддалечен 150 километри од Бахмут, кој пред војната имал над 14.000 жители.
„Руските трупи во бранови го напаѓаат Вухледар и ова е повторување на ситуацијата од Бахмут. Од оваа локација го контролираме практично целиот железнички систем што Русите го користат за логистика. Градот се наоѓа на висорамнина и таму е создаден исклучително силен одбранбен центар“, вели украинскиот воен аналитичар и полковник Микола Саламаха.
САД, Германија и други земји ѝ ветиле 321 тенк на Украина, според украинскиот амбасадор во Франција, но можеби ќе бидат потребни месеци пред тие да стигнат на бојното поле. Украина бара ова да се забрза, зашто се очекува двете страни да почнат нова офанзива во следните недели.
Германската компанија „Рајнметал“ соопшти дека е подготвена значително да го зголеми производството на тенковска и артилериска муниција за да ги задоволи барања на Украина и западот, а можеби ќе почне да ги произведува и ракетните системи ХИМАРС.