Првата доза од вакцината за мали сипаници не ја примиле околу 169 милиони деца во светот во периодот од 2010 до 2017 година, или просечно 2,1 милиони деца годишно, изјави денес УНИЦЕФ. Според УНИЦЕФ, намалениот опфат на вакцинирани деца предизвика појава на глобална епидемија на морбили во повеќе земји низ светот денес.
„Вирусот на морбили секогаш ќе најде невакцинирани деца. Ако сакаме да бидеме сериозни и да го спречиме ширењето на оваа опасна, но спречлива болест, треба да го вакцинираме секое дете, како во богатите, така и во сиромашните земји“, вели Хенриета Фор, извршен директор на УНИЦЕФ.
Во првите три месеци годинава, според податоците од УНИЦЕФ, пријавени се над 110.000 случаи со заразени од морбили во светот, што е речиси 300 отсто повеќе од истиот период лани.
„Се проценува дека во 2017 година од мали сипаници починале 110.000 лица, од кои повеќето се деца, што е пораст од 22 отсто во споредба со претходната година“, вели УНИЦЕФ.
Две дози од вакцината за мали сипаници се суштински за заштита на децата од оваа болест, вели УНИЦЕФ, но тоа не е случај на глобално ниво, а тоа се должи на немање пристап или слаб здравствен систем, попустливост, а во некои случаи, и поради страв или скептицизам во врска со вакцините.
„Глобално опфатот со првата доза од вакцината во 2017 година е 85 отсто, а со втората доза е 67 отсто, а според препораките од Светската здравствена организација потребен е опфат од 95 отсто за да се постигне колективен имунитет“, вели УНИЦЕФ.
Намален опфат на вакцинирани деца со вакцината за морбили според УНИЦЕФ има и во богатите земји, каде опфатот со првата доза е до 94 отсто, а со втората 91 отсто. Додека во сиромашните земји состојбата со невакцинирани деца е критична.
„САД е на врвот на листата на земји со висок приход каде повеќето деца не ја добиле првата доза од вакцината меѓу 2010 и 2017 година, со над 2,5 милиони невакцинирани деца. По САД следат Франција и Велика Британија, со над 600 илјади и половина милион невакцинирани деца, во текот на истиот период.
Во земјите со низок и среден приход, состојбата е критична. Во 2017 година, Нигерија имала најголем број деца под една година кои ја пропуштиле првата доза, со речиси 4 милиони, потоа Индија со 2,9 милиони, Пакистан и Индонезија со по 1,2 милиони и Етиопија со 1,1 милион. Покриеност со втората доза од вакцината против морбили е уште поалармантен. Така дваесет земји во супсахарска Африка не ја вовеле потребната втора доза во националниот план за вакцинација, со што над 17 милиони деца годишно се изложени на поголем ризик од мали сипаници во детството, вели УНИЦЕФ.
УНИЦЕФ со своите партнери помага во договарање на цените на вакцината за мали сипаници, потоа земјите да ги откријат недоволно покриените области, помага во набавка на вакцини и материјали за вакцинација, поддршка на кампањи за зголемување на имунизација, а во оние земји каде не е воведена втора доза да се воведе.
„Малите сипаници се премногу заразни. Пресудно е не само да се зголеми покриеноста, туку и да се одржи стапката на вакцинација со потребните дози за да се создаде сеопфатен имунитет за сите“, вели Фор.
Е. БОЧВАРОСКА