Компанијата на Марк Закерберг, „Мета платформс“, објави дека ќе отпушти 13% од својата работна сила, односно повеќе од 11.000 луѓе, додека се бори со растечките трошоци и слабиот пазар на реклами. Ова е прво бркање вработени во 18-годишната историја на „Мета“, која ги поседува Фејсбук и Инстаграм и следува откако и „Твитер“ отпушти речиси половина од своите 8.000 вработени.
Пандемискиот подем на технолошките компании доживеа голем пресврт оваа година откако тие се соочија со најголемата инфлација во последните десет години и брзиот раст на каматните стапки.
„На почетокот на пандемијата светот се пресели на интернет и бранот на онлајн трговијата донесе огромен раст на приходите. Многумина предвидуваа дека ова ќе биде трајно забрзување, па и јас донесов одлука за значајно зголемување на инвестициите. Не само што онлајн трговијата се врати на претходните трендови, туку и макроекономскиот пад, зголемената конкуренција и загубата на реклами предизвикаа нашите приходи да бидат многу помали од очекуваното. Погрешно го сфатив ова и ја преземам одговорноста“, изјави Закерберг.
Тој кажа дека компанијата ќе ги пренасочи ресурсите на области со висок приоритет на раст, како вештачка интелигенција, рекламни и деловни платформи и проектот метаверзум. „Мета“, чии акции изгубија две третини од пазарната вредност, исто така ќе ги замрзне новите вработувања.