Заповедникот на чеченските сили кои се борат во Украина и пратеник во руската Дума, Адам Делимханов, е наводно ранет во украински ракетен напад во Запорожје, додека Москва побрза да објави дека е добро. Делимханов важи за „десната рака“ на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, кој упати бизарен апел до украинските разузнавачи да му помогнат да го лоцира „неговиот брат“.
„Не можам никако да го пронајдам мојот брат Адам Делимханов. Не можам да стапам во контакт со него. Ги молам украинските разузнавачи да ми дадат информации за точната локација на погодените позиции за да можам да го пронајдам. Ветувам дека ќе бидете дарежливо наградени“, напиша Кадиров на Телеграм.
Делимханов командуваше со чеченските борци при минатогодишната брутална опсада на Мариупол. Тој оваа недела се сретнал со лидерот на пограничниот регион Белгород и му ветил дека ќе му помогне да ја бранат областа.
Украинскиот воен блогер Кирило Сазанов објави дека Делимханов загинал во ракетниот напад на конвојот на чеченската паравоена група „Акмат“ близу градот Приморск, западно од Мариупол, додека ТВ-каналот на руското министерство за одбрана „Звезда“ денеска објави дека тој е ранет. И Кремљ изрази загриженост за судбината на Делимханов, додавајќи дека чека потврда за тоа што се случило.