Истече 30-дневниот мораториум за напади врз украинската енергетска инфраструктура, објави Кремљ, пауза што беше договорена во последниот телефонски разговор помеѓу Доналд Трамп и Владимир Путин.
„Еден месец помина. Во овој момент, нема други инструкции од врховниот командант на војската Владимир Путин“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
Русија го објави мораториумот на 18 март како еден од ретките конкретни чекори во мировните напори на Трамп. Путин тогаш кажа дека ѝ наредил на руската војска да не ги ракетира украинските енергетски објекти 30 дена.
Една недела подоцна, високи американски функционери одржаа одделни разговори со Русија и Украина во Саудиска Арабија и иако паузата во нападите беше потврдена, никаков формален договор не беше склучен. Во меѓувреме немаше никаков напредок во мировните разговори.
Крајот на мораториумот предизвикува загриженост дека Русија би можела да продолжи со својата систематска кампања на деградирање на електричната мрежа на Украина пред следната зима.