ЖЕНИТЕ ВО ИСЛАНД ЗАЕДНО СО ПРЕМИЕРКАТА УТРЕ ЌЕ ШТРАЈКУВААТ, БАРААТ ЕДНАКВИ ПЛАТИ СО МАЖИТЕ

    ЖЕНИТЕ ВО ИСЛАНД ЗАЕДНО СО ПРЕМИЕРКАТА УТРЕ ЌЕ ШТРАЈКУВААТ, БАРААТ ЕДНАКВИ ПЛАТИ СО МАЖИТЕНа штрајкот ќе се приклучи и исландската премиерка Катрин Јакобсдотир. (Фото: мбл.ис)

    Десетици илјади жени во Исланд, вклучувајќи ја и премиерката, утре (24 октомври) нема да работат, што ќе биде прв таков штрајк во 50 години. Организаторите на штрајкот се надеваат дека ќе привлечат внимание на разликата во примањата меѓу двата пола, но и на распространетото родово и сексуално насилство.

    Утрешниот штрајк ќе биде прв таков по 1975 година, кога 90% од жените во Исланд одбија да работат како дел од „квенафри“ (женски слободен ден), што доведе до големи промени во земјата, вклучувајќи и прва жена избрана за претседател во светот.

    Сепак, организаторите на штрајкот велат дека и 48 години подоцна, барањето за еднаква плата со мажите не е исполнето.

    „За нас се зборува како да сме рај на еднаквоста. Но, во рајот на еднаквоста не треба да има разлика од 21% во платите и 40% од жените да искусуваат родово или сексуално насилство. Тоа не е она кон што целат жените ширум светот“, вели Фреја Стејнгримдотир, една од организаторките на штрајкот и комуникациски директор на БСРБ, Исландската федерација на вработени во јавниот сектор.

    Слоганот на утрешниот штрајк е „Ова го нарекувате еднаквост?“.

    Најавувајќи го и нејзиното учество во штрајкот, премиерката Катрин Јакобсдотир, кажа дека и премиерскиот кабинет утре ќе престане со работа.

    „Прво и најважно, покажувам солидарност со исландските жени по ова прашање“, кажа таа за локалните медиуми.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира