СВЕЖИ ГРОБОВИ

Толку ли сме будали да се испотепаме меѓу себе само за Груевски да не оди во затвор?А богами и Ахмети и неговите

    1 Кога ги тепаа нoвинарите по улици и ги плукаа по кафеани, може некој и ќе си речеше: „Е добро де, новинари се“. И си гледаа сеир. Ама, овие бранителите на криминалот на власта почнаа и по дома да им одат на политички неистомисленици. Црните тројки придружени од дваесетина други му тропнаа на врата на пратеникот на СДСМ од Прилеп Хари Локвенец. Да му донеле покана да им се придружи на митингот за заедничка Македонија каде што се протестира против двојазичност.

    Почнаа и со прозивки на социјалните мрежи. Комшиите ќе те терале да ставиш знаме. Да се обележиш. Да се знаело дека си со нив. Утре ќе ти речат: „Извини комшија, ти зошто не носиш црвено и жолто? Ти не си за заедничка Македонија како нас? Или, „комшија кај си ти да ставиш знаме на терасата? Нели си Македонец?“

    Кое е тоа патриотско чувство да браниш криминал што со свои уши си го слушнал во прислушуваните разговори? Од кои патриотски причини се прават глуви? Прво криминалците ја грабнаа државата. А сега и боите на знамето ги грабнаа за да си го одбранат криминалот.

    Така што, тие што сега одат по домовите на неистомислениците да се закануваат и да бараат предавници, сетики утре и самите ќе бидат прогласени за предавници. И тоа од своите. Од истите тие што сега ги користат како топовско место за одбрана на украдените народни пари.

    Штом веќе сте тргнале така по куќи дома непоканети да влегувате, ич да не се секирате. Утре и вам ќе ви тропнат црни тројки на врата. И тоа вашите ќе ви ги испратат.

    2 А Али Ахмети ужива во тоа што ѝ го прави на Македонија. И на Македонците и на Албанците. Два месеци е главна ѕвезда што ја чекаме да каже што изанализирал во 3 саат, па на полноќ, па утре, па централното претседателство, па тој сам, па меѓународните пријатели, па после пак тој сам, па сите заедно…  Сака да си остане со Груевски, ама го тераат да се раздели. А јасно ни е дека не сака. Тешко му оди раскинувањето. Оти ако сакаше да се раздели, тоа одамна ќе го направеше. Тој ни прави претстави од Мала Речица, а неговите министри и директори, па дури и потпретседател на Влада има, уште си седат во Владата на Емил Димитриев, која и натаму владее без никаква контрола оти нема собрание. По 8 години заедничко владеење и три месеци по завршување на изборите.

    Ахмети најмногу му помага на ВМРО-ДПМНЕ да јакне на терен со национализам. Тој тоа свесно го прави. Не е до двојазичноста. Национализмот ќе стане единствениот  јазик на кој ќе се раскусуруваме.

    Малку ли им се гробниците на загинатите Албанци низ западна Македонија од 2001 година? И малку ли се спомениците на загинатите Македонци низ цела Македонија од 2001 година? Свежи ли гробови ни требаат?

    Толку ли сме будали да се испотепаме меѓу себе само за Груевски да не оди во затвор? А богами и Ахмети и неговите. Децата на тие што ги браните и на тие што држат националистички говори сигурно нема да гинат. Тие се веќе обезбедени во странство. Со вашите пари.

    3 Долг е списокот на сите странски дипломати и меѓународни фактори што се разочарале од Ѓорге Иванов и побарале или советувале тој да ја повлече одлуката за недавање на мандатот на тој што обезбедил мнозинство во Собранието. Само уште Путин од Русија и Маја од дома не му кажале да ја смени одлуката.

    Убаво е што сите испратиле повици, сугестии и барања до Иванов. Ама не слушнав што ќе направат ако тој не ја смени одлуката. Нели игра опасна игра? Нели постои опасност да го запали регионот?  Не чувме дека за да ја прекинат оваа опасна игра странците ќе преземат некаква акција. Дека на елитата од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе им ги замрзнат имотите и сметките во странство. Дека ќе ги стават на црни листи. Дека на децата што им студираат во западните земји ќе им ги повлечат визите за престој.

    Не е дека немаат причина тоа да го направат. Оти нивната комисија, комисијата на Прибе од ЕУ кажа дека станува збор за криминално – корумпирана власт. А и тие секој ден апелираат  дека националистичкото хушкање води кон меѓуетнички конфликт што ќе доведе до геополитички конфликт.

    Цело време му порачуваат на Иванов дека не треба да си игра со оган. А го остават и него и Груевски и Ахмети да си играат со кибритчињата.

    4 Бесмисленоста на одбраната на Македонија од двојазичноста се виде и во тоа што и Крушево  се побунило против двојазичност. Тројазичното Крушево. Во кое што Власите зборат македонски, Албанците зборат влашки, а Македонците зборат албански. Тројазичното Крушево, што уште од првиот Илинден 1903 имало граѓанска свест и почит за различностите, во 2017 година во она што бранителите на  криминалот бесрамно го викаат „четврт Илинден“ , се бунат против различности.

    5 Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски, кој до пред само две недели викаше дека некои самонаречени новинари правеле театар од новите распореди на судиите смислени да се избегнат предметите на СЈО, сега ги моли граѓаните „да имаат разбирање“ оти во судот имало „несекојдневна ситуација“. Ем новиот распоред на судии не важи, ем в.д. претседателката Тања Михајлова си даде оставка, ем судот во кој доаѓаат предметите на СЈО нема претседател.

    За што да имаат разбирање граѓаните? За корумпираното судство на кое му даваме плата?

    Единствено разбирање ќе имаме ако Зоран Караџовски си даде оставка. Затоа што тоа што тој го нарекува „несекојдневна ситуација“ во превод значи „хаос“. И тој за тоа е лично одговорен.

    6  Тоа што Груевски уште на почетокот на владеењето го почна како нетолеранција кон секаква различност, сега истиот тој Груевски го прерасна во омраза против секаква различност.

    И сега, откако се открија бранителите на злото и откако се направи попис со слика и прилика на сите што поддржуваат криминалци, како ли ќе се помириме? Како ли ќе живееме заедно со тие што исплукаа сè што не е македонско и сè што е македонско ама не е по нивниот терк на  македонштината? И како да заборавиме дека ги пуштија тројките да ги тепаат сите што не мислат како нив?  Како ќе им одиме на претстава, на концерт, на натпревар на тие луѓе што потикнуваат насилство?

    Изгледа дека се во право тие што велат дека нема излез од ова срање. Или дека единствениот излез е на некој граничен премин. Со карта во еден правец.

    Да ги оставиме бранителите на криминалот сами да си уживаат во загадениот воздух. Во загадената средина со загадени души. Нека си се задушуваат во сопствената омраза. Да си бараат правда кај Зврлевски и Караџовски. Да се лекуваат во здравството на Никола Тодоров.  Да ги оставиме слободно нивната власт да им ги краде парите. Нека ги прислушуваат. Нека ги бележат со крукчиња дали биле на митинг или не. Нека се плашат од смс пораки со кои им се закануваат дека ќе ги избркаат од работа. Нека им кажуваат како да заокружат кога ќе гласаат. Нека му се воодушевуваат на Путин. И нека му бидат благодарни на Ердоган кога ќе им подарува водени топови за одбрана на демократијата.

    Нека си уживаат баш во таа Македонија што сега ја бранат. И што се спремни со разорна омраза да ги сотрат сите оние што не ја сакаат баш ваквата држава. Украдената, корумпираната и силуваната Македонија.

    7 Единствената добра причина да се остане тука е затоа што ова е моја држава. И од дома никој нема да ме избрка. А ако сепак ме присилат да си го напуштам домот, тогаш ниту Македонија ќе ми биде важна, ниту за македонскиот јазик ќе ми биде гајле. А богами, ниту за тие што ќе останат да го бранат Груевски од правдата.

    Единствено што можам да им ветам е дека од дијспората секогаш ќе гласам за ВМРО-ДПМНЕ. За дур се живи да им биде исто волку убаво.

    АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

    Слушај тука

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари