НЕОПХОДНИ СЕ ЗЕЛЕНИ МОСТОВИ ЗА ЖИВОТНИТЕ, ВЕЛИ МАКЕДОНСКОТО ЕКОЛОШКО ДРУШТВО ПО УСМРТЕНИОТ РИС НА ПАТОТ РЕСЕН-ОХРИД

    НЕОПХОДНИ СЕ ЗЕЛЕНИ МОСТОВИ ЗА ЖИВОТНИТЕ, ВЕЛИ МАКЕДОНСКОТО ЕКОЛОШКО ДРУШТВО ПО УСМРТЕНИОТ РИС НА ПАТОТ РЕСЕН-ОХРИДМртвото животно беше забележано од патници во автобус кај планинскиот превој Буково (Фото: СДК.МК)

    По случајот со усмртениот рис на патот Ресен-Охрид, Македонското еколошко друштво (МЕД) предупреди дека е неопходно да се изградат зелени мостови за животните со цел безбедно да ги минуваат сообраќајниците.

    ,,Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат само уште 50-ина единки на балканскиот рис. Истовремено, тие се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот”, соопшти МЕД.

    По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, од МЕД денеска излегоа на терен и констатираа дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид.

    Во координирана акција на Министерството и Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво, од животното се земени примероци за анализа и транспортирано е на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ заради обдукција.

    Мртвото животно утрово околу шест часот беше забележано од патници во автобус кај планинскиот превој Буково, кои го известија ловното здружение.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира