1. Бранко пак прави грешки. Ги објави фонограмите од прислушуваните разговори дента кога му беше роденден на Љубчо. А на Љубчо му е гајле. Вели дека Бранко не успеал да му го расипе роденденот.
Ако Бранко навистина сакаше да му направи пакост, требаше фонограмите да ги објави еден ден порано. Затоа што тогаш ѝ беше роденден на Снежана.
Бранко требаше неа да ѝ го расипе роденденот, ако сакаше да го потресе Љубчо. Па да ѝ биде џабе закупената сала во “Холидеј ин”, и новата фризура на министерката Доста, и мексиканската музика, и тортата од другарките од “Благовестие” во облик на шапка…
Бранко излезе џентлмен. А Љубчо уште и го зафркава. Не го бидува ни за расипувач на една роденденска забава, а сака пак да биде премиер. Не гледа Љубчо колку работи има расипано.
2. По објавувањето на фонограмите има многу разочарани. Луѓето панично ги читаат текстовите и си го бараат името меѓу прислушуваните. Ако ги нема – се трескаат од земја. Штом не те прислушувале, значи не си важен.
Сега не знаат кому да му се лутат. На Бранко или на Љубчо. Така што тие чии имиња не се објавени ѝ се лутат и на власта и на опозицијата.
Сепак, мислам дека виновникот е Бранко. Затоа што не ги есапел за важни. А дека сите се слушани, слушани се.
3. Впрочем и Љубчо и Доста убаво нè утешија дека во Македонија имало повеќе структури што поседувале софистицирана техника за прислушување. Така што сега можеме да бидеме спокојни, бидејќи гласот на народот се слуша. Па ако некој случајно пропушти нешто додека се менува лентата, не е толку страшно зашто те има на друго место.
Во општиот метеж на прислушни уреди, овие од СДСМ се збуниле. Исто како што на локалните избори, од мака што губат во Охрид си пукаа сами во себе, сега сами си се слушаат. Како што си се слушаат, самите си пишуваат и извештаи. Ама, во занесот да ја урнат Владата, заборавија дека Борис Трајковски не им е воопшто важен, па го снимале и него. Трајковски сега е многу задоволен. Ако навистина го прислушувале од СДСМ, како што вели министерката Доста, значи дека конечно и нему некој му обрнал внимание.
4. Фонограмите покажуваат како претседателот продолжува да го збогатува речникот со нови зборови. Откако минатата недела Трајковски го промовираше зборот “ретроперспектива”, од прислушуваните материјали од неговиот разговор со Борис Стојменов се гледа дека тој себеси се претставува како “гарантор”.
5. Што мака имаат Американците со оваа влада. Никако да ги научат да ја користат софистицираната опрема. Како што им ги донесоа “крајслерите”, овие ги исчукаа. Им дадоа опрема за прислушување, ги фати опозицијата како прислушуваат. Згора на сè, им го слушале и разговорот на една нивна службеничка.
6. Сега кога веќе и власта нè увери дека секој може да нè слуша, ќе почнеме да применуваме различни тактики во секојдневниот разговор. Ако употребуваме шифри, брзо ќе нè откријат. Ако пуштаме гулаби со писменца, ќе ни пуштат орли тренирани на Запад да ни ги ловат. Бидејќи знаат да читаат од усни, можеме како во филмот “Казино” да си ги криеме усните кога ќе разговараме меѓу себе. Ако пуштаме димни сигнали како Индијанците, и нив ќе ни ги прочитаат. Единствено ни останува да се допишуваме на ливчиња и после да ги голтаме, како куририте во партизанските филмови.
Сепак, најсигурно е: “Молчете”. Се слуша гласот на народот.
7. На крај, Љубчо пак ќе излезе со ќар и од оваа афера. Се сеќава ли некој на пеницилинскиот шок и на фармацевтската мафија? Одговараше ли некој зошто умре човек? Се расчисти ли дилемата каде се 40-те милиони марки од Телекомот? Што се случи со беснилото?
Треба ли да се враќаме уште наназад… Немаме време. Зафатени сме со читање фонограми.
8. Што ќе ѝ фали на Доста ако си даде оставка. Не ќе мора да се појавува на роденденски забави. Не ќе мора да објаснува зошто не дошла на балот и дали имала долг фустан со длабоко деколте или шлиц.
А и СДСМ ако се врати, Доста пак ќе си предава марксизам.
9. Претседателот на Собранието Стојан Андов, завчера неколку пати сакаше да се увери дека има кворум. Ги броеше пратениците пред секое гласање.
Проверуваше дали се токму. Сосе Амди Бајрам.