ЗЛАТЕН СТАП

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:63:" Македонија-ШведсканаБалканите

    1. Премиерот Љубчо Георгиевски е пред судбинска дилема. Треба да избира меѓу лидерот на независните синдикати Атанас Лефтеров и директорката на Агенцијата за приватизација Слободанка Ристовска. Лефтеров е категоричен: “Или јас, или Слободанка”. Сиромашкиот Љубчо – ама избор му се нуди.
    Навистина, што ќе правиме без Атанас Лефтеров, ако навистина си поднесе оставка? Како ќе се вратиме во комунизмот? Како ќе им ги вратиме фабриките на работниците, како што викаше Бранко на митинзите? Единствената надеж ќе ни остане во министерката за внатрешни работи Доста Димовска. Таа ќе се жртвува и на нејзини плеќи ќе го поднесе завршниот удар на ревизијата за приватизација. Како бивша професорка по марксизам, ќе ја реши приватизацијата по марксистички модел.
    За Маркс капиталистите, по дефиниција, се криминалци. Затоа и неговата следбеничка изјавува дека не е против работниците, туку против криминалците што ги експлоатираат. Судот уште не кажал дали станува збор за криминал, ама Доста знае. По дефиниција. Нема суд, нема пресуда. Има револуција.

    2. Пред десетина години, српскиот лидер Слободан Милошевиќ на еден голем митинг во центарот на Белград, на повиците на народот вети апсење на тогашниот косовски лидер Азем Власи. Другиот ден ветувањето беше исполнето. Српската полиција го уапси Власи.
    На митингот на владината коалиција во Скопје, пред вториот изборен круг, премиерот Георгиевски зборуваше за некакви сомнителни пласмани на Комерцијална банка. Другиот ден, Љубчо му го прати Љубе Бошкоски на директорот на банката Хари Костов.
    Ехото од Белград, по десетина години стигна и во Скопје. Тогаш масата викаше: “Ухапсите Власија!”. Изгледа Љубчо не дочул, па приведе Влав.

    3. Директорот на Фондот за здравство Војо Михајловски вели дека треба да се смени директорот на “Алкалоид” Трајче Муакетов. Министерот за здравство Драган Даниловски не гледа проблем и вели дека станува збор за лична нетрпеливост. Што и не е далеку од вистината. Мукаетов бара да му се врати долгот, а Михајловски не сака да му го врати. Нормално дека нема да го трпи.
    Што би се случило во САД кога некое директорче на некој фонд во Департментот за здравство ќе побара да се смени генералниот менаџер на нивната фармацевтската компанија “Фајзер”. Баш ме интересира кој ќе биде сменет. Менаџерот, или секретарот за здравство. За директорот на Фондот, пак, ич да не зборуваме.
    Кај нас работата е едноставна. Во САД, веројатно, секретарот за здравство би го сменил директорот на Фондот за таква изјава. Ама, бидејќи Михајловски во ВМРО-ДПМНЕ му е шеф на Даниловски, поарно му е да си седи мадро. Освен тоа, во Америка е многу сложено. Таму ќе треба да се чека решение на судот. Кај нас министерката знае кои се криминалци.

    4. Секретарот на владејачката партија Војо Михајловски, на Крстовден си купи лопата. За само 5 илјади марки.
    Во иднина лопатите и другите алатки не треба да се наплаќаат. Затоа што заслужните граѓани, како господинот секретар, немаат пари. Тие заслужуваат да им се дава бесплатно.
    В година ќе славиме 10-годишнина од осамостојувањето на Македонија. Бидејќи во 10-те години независност само уриваме, градиме и повторно уриваме, а повремено и се тепаме, нема потреба да се размислува како на заслужните за развојот на државата да им се оддаде признание. Наместо одликувања, ќе се делат лопати, токмаци и пендреци. Златни, сребрени и бронзени.
    Еве, на пример, на министерот Љупчо Балкоски му следува златен токмак. Затоа што урива. Или, на министерката Доста Димовска златен пендрек. Затоа што лови криминалци. А на секретарот на ВМРО-ДПМНЕ Војо Михајловски ќе му дадат златна лопата. Затоа што рине.
    Бидејќи до прославата има речиси цела година, ништо не се знае. Да не се случи сите да го јадат стапот. Затоа, предлагам да се воведе едно признание што ќе го доделува народот. Златен стап.

    5. Јавниот обвинител Ставре Џиков беше пресреќен што бил во СДСМ. Можеби ќе му требаат. По одбивањето на кривичните пријави против Фрчкоски, неговите му се налутија. Па сега може да му стегнат интерпелација. И ќе мора пратениците на СДСМ да гласаат за него.
    Ете што ти е политика. Ќе мора Бранко да го брани Џиков, поради Фрчко!

    6. Што му требаше на шведскиот премиер Јоран Першон да му ласка на Љубчо дека сме исти како нив, само ќе морало да се скараме, зашто една од двете фудбалски репрезентации мора да биде поразена. Кој ќе го слуша сега Љубчо? Со месеци ќе ни повторува дека сме Шведска на Балканите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира