После 20 години, на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија за првпат беше направена реплантација на десна подлактица кај 54-годишниот Џафер Алија. За време на дежурство, на 29 мај, на Клиниката бил донесен пациентот од Кавадарци, кој сечејќи дрво со моторна пила, изгубил контрола и си ја пресекол десната подлактица. Итно бил донесен во Скопје во искрвавена состојба, и веднаш се формирал тим бидејќи кај овој тип на операции има мал временски прозорец за интервенција, до 6 часа од повреда.
Директорката на Клиниката, доц. д-р Софија Пејкова, која била дел од тимот, за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека реплантацијата на горен екстремитет е една од најкомплексните хируршки интервенции. Во тимот, од Клиниката за пластична хирургија биле и д-р Бисера Николовска и д-р Гордана Георгиева, од Клиниката за кардиохиругија васкуларниот хирург д-р Мишел Андов, од Клиниката за трауматологија д-р Игор Мерџановски, од Клиниката за анестезија реанимација и интензивно лекување д-р Јасна Бушиноска.
„Веднаш се формираше тимот и решивме дека мора да се обидеме да ја споиме горната со долната подлактица. Сепак е десна рака, а без рака не функционираме. Предизвик беше и што беше поминато доста време и немаше крв во ампутираниот дел. Тимската работа и посветеноста на персоналот секогаш дава успешни резултати. Сите колеги завршија одлична работа, од круцијално значење беше работата на д-р Андов, кој ги спои крвните садови (реваскуларизација-анастомиоза на артерии и на вени). Д-р Мерџановски ги спои коските (остеосинтеза на коските)“, појаснува д-р Пејкова.
Реплантацијата на горен екстремитет вклучува и реконструкција на нервите и на мускуло-тетивниот апарат и реконструкција на мекоткивната покривка.
Тимот бил во постојана комуникација со проф. д-р Оскар Азман, пластичен хирург од Медицинскиот универзитет во Виена и визитинг професор на Медицинскиот факултет од Скопје.
„Ние често се консултираме со д-р Азман, кој е пластичен хирург, со супспецијализација за бионички горни екстремитети. Му ги пративме снимките и ги следевме неговите насоки, Тој постојано и за време на операцијата и на опоравувањето сакаше да го информираме во од“, вели д-р Пејкова.
Докторката вели дека бесценето е чувството што денес го испратија пациентот жив и здрав дома.
„И самиот ни рече, дојдов со една, си одам со две раце“, додава докторката.
Д-р Пејкова вели дека на Клиниката секој ден имаат операции за пресечени дланки, прст, сомелени од апарати за мелење, и сето тоа од невнимание и неносење на соодветна заштитна опрема.
„Нашиот народ нема навика да работи со опрема. Затоа апелирам, да се носи соодветна заштита или пак работите да ги извршуваат обучени лица“, потенцира доц.д-р Пејкова.
Б. НЕСТОРОСКА