2007 – ИСТО, АМА БЕТЕР

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:134:""Месакашли?" "Да,тесакам". "Не,амајассериознотепрашувам,месакашли?"

    20 јануари
    Пробиен е кодот на бриселската бирократија. Македонија ќе влезе во Европската унија од трета мајка. Прво Егејска, потоа Пиринска и на крај Вардарска Македонија.

    17 март
    Од кога е вест дека претседателот Црвенковски и премиерот Груевски ќе се сретнат? Кој воопшто се среќава тука? Премиерот на една држава во рамките на посетата на друга држава ќе има официјален прием кај претседателот? Или претседателот и премиерот ќе се сретнат на некој самит на шефови на држави и влади и таму неофицијално ќе разменат мислења? Во која држава медиумите јавуваат дека претседателот и премиерот ќе се сретнат и уште ни кажуваат за што ќе разговараат, а за што нема да разговараат. Демек, прашањето за амбасадорите го затворија, па сега ќе дискутирале за името. Бре, бре… Страшна работа. Сигурно е многу страшна штом и Фуере имаше да изјави нешто по тој повод. Каде го има тоа? Само во Палестина. Имаме среќа што Груевски и Црвенковски сî уште се среќаваат лично. Може да им текне да си испраќаат емисари што ќе се среќаваат наместо нив. И добро е што сî уште се среќаваат дома. Ако тргнат по умот на Палестинците, ќе ги собираат на преговори во некое Осло, или Дубаи.

    28 април
    Рацијата на полицијата во мотелот “Ориентал Ас” во тетовското село Жеровјане е успеш на европска приказна. Покрај Македонки, во локалот на шипка играле и Бугарки, Србинки и Албанки. Ситуацијата на теренот е одлич ен профил на новата Европа. Имаме танчарки од земја членка на ЕУ, како што е Бугарија, имаме танчарки со кандидатски статус, како што е Македонија, и имаме танчарки од земји аспиранти за ЕУ, на ниво на асоцијација и стабилизација, како што се Србија и Албанија. Бугарките со својот европски пасош можеле да одат да играат на шипка и во Британија, и во Шведска, и во Грција. Ама тие во Македонија биле испратени со задача од Брисел. Во Жеровјане биле назначени како инструкторки во твининг програма за евроинтеграција. И тројцата полицајци што биле затекнати во локалот за време на рацијата не биле муштерии. И тие биле на европска обука. Им давале логистичка поддршка на македонските државјанки. Оти тие додека играле, цело време имале само една мисла во главата: “Кога ли ќе добиеме датум за преговори?” Ете и одговор на прашањето зошто на полициските снимки од бункерот каде што биле чувани курсистките се видоа туби со скап крем против целулит. Пусти кандидатки за ЕУ. Ќе остарат чекајќи датум.

    5 мај
    Џилијан Миловановиќ не смее да се појави ни во самопослуга. Тамам ќе дојде на каса, веднаш ќе ја нападнат македонските новинари за да ја прашаат дали САД го смениле ставот за името. Имало некоја предлог резолуција во Конгресот на САД што ја поднело грчко лоби. И логично, Македонија се именува како ФИРОМ. Како да се именува ако Грци предлагаат резолуција. Скопје? И веднаш во Македонија паника. САД го менуваат ставот за признавањето на Македонија под уставното име. Македонија не менува став така лесно, а не пак Америка. И тоа став којшто се градел со години. После секоја акција на грчкото лоби Македонија ја зафаќа психотична состојба на непрестана потреба за потврда. Тоа ти е како секој ден да си ја прашуваш женската: “Ама, ме сакаш ли?”, а таа ти одговара: “Да, те сакам”. А ти велиш: “Не, ама јас сериозно те прашувам, ме сакаш ли?”. Амбасадорката Миловановиќ кога ќе излезе на улица што и да ја прашаат прво нека одговори со “САД не го менуваат ставот за името на Република Македонија” и после нека си каже што сака да каже, за да нî направи среќни. И на поканите за конференции за печатот како слоган да стои: “САД не го менуваат ставот за името на Република Македонија”.

    19 мај
    Македонија никако да сфати дека успехот не доаѓа случајно и дека е плод на тешка работа. И никако да сфати дека за неуспехот најмногу си виновен самиот, а не другите. Најдобар пример за тоа е последниот Евросонг на кој победи Србија. Видете што правевме ние, а што правеа Србите. Ние: Одвај ја избравме Каролина, со лутење и со карање Ни колегите не ѝ честитаа До последен момент се каравме дали ќе пее на англиски, или на македонски Менаџерите на Каролина и организаторот МТВ се скараа дали за македонската вечер во Хелсинки се избрала селска кафеана, или не Се караа кој ќе влезе во зелената соба зад сцената. Србите: Имаше контроверзи околу изборот на пејачката, ама кога веќе ја избраа се фатија за работа Ја снимија песната на 5 јазика Ја снимија песната во пет различни изведби На сателитскиот канал на ТВ Србија со денови одеше повик до иселениците да гласаат за српскиот претставник Кога победија пејачката ја дочекаа како херој. Арно ама, приказната не заврш ува тука. Една многу важна национал на телевизија на вестите ни соопшти дека Македонија “како по обичај се пласирала во вториот дел од табелата”. Ало!!! Четрнаесетто место од 42 земји не е втор дел на табелата. Нејсе. Има уште мани за наоѓање. Друга национална телевизија разочарано констатира дека сите што гласале за Македонија нî викале ФИРОМ. По 16 години ФИРОМ во ОН, ептен нова мана најдоа. Клето Македонче. Мрзливо, а од ништо задоволно. Самиот себеси да не можеш да се израдуваш.

    2 јуни
    Прво не знаевме дали Али Ахмети и Никола Груевски постигнале договор. Потоа, кога постигнале договор, не знаевме дали бил писмен или устен. Потоа излезе дека има некаков текст на англиски, напишан на хартија. Ама тоа не било договор, туку било записник. На крај излезе дека договор, сепак, имало. Ама двајцата ништо не потпиш але, туку усно се обврзале на точките од записникот. Договорот не е писмен. Значи дека договорот е орален. Ова е веќе толку перверзно што не може да помине ни во порно-филм. Таму колку и да трае сцената, завршува со некаква релаксација. А ние цели шеснаесет години се занимаваме со македонско-албанскиот дијалог и никако да ја завршиме приказната. Овие нашиве само мастурбираат, а никако да свршат. И после сите сме фрустрирани.

    7 јули
    Груевски прво нî убедуваше дека немало никаков писмен договор со ДУИ. Потоа кога документот излезе по медиумите, нî убедуваа дека тоа било само записник. Дојде амбасадорката на САД во НАТО на Форумот во Охрид и порача дека за влез во НАТО ќе мора да се почитуваат и Охридскиот и Мајскиот договор. Очигледно записникот бил записник, додека Американците не го прогласија за договор.

    18 август
    Ај ние што мислиме за пратениците, не е важно. Ама што ли си мислат пратениците за себе. Дека тие навистина можат да нî внесат во ЕУ? Замислете, тие треба на нашите деца да им донесат подобра иднина. Мајко мила! Тешко на нашите деца. За последнава седница на Собранието велат дека била циркус. Не е точно. Циркус е многу сериозна работа. И за да добиеш работа во циркус, треба претходно да се отепаш од работа. Треба да се внимава. Не смее да се навредуваат артистите во циркусот со тоа што нашиот Парламент ќе се споредува со нив. На крајот на краиштата, да беше Парламентот циркус, ќе ги носевме децата во Собрание. Во циркус се оди за забава, а Собраниски канал се гледа за вознемирување. Според категоризацијата на ТВ-програми треба да има знакче кое ќе означува дека преносите на Собранискиот канал се забранети за деца, дури и во придруж ба на родителите. За нивно ментално здравје. Сега расправаат нешто за Бучковски. По десетина дена ќе се караат за интерпелацијата на спикерот Љубиша Георгиевски. После ќе се вратат на деловникот. Па ќе го актуализираат законот за лустрација. И ќе си дојде октомври. А во октомври Европската комисија ќе го објави извештајот за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ. Каде е законот за јавното обвинителство? Каде е законот за јавен обвинител? Каде е Судскиот совет? Каде е Управниот суд? Од најбитната реформа, која практично е најголемиот услов за ЕУ и НАТО, нема ни “Р”. Што ќе ни речат во Брисел во октомври? Нема што да ни кажат. Ќе ги пуштат старите ленти што ги вртат 15 години. Исто па исто. Вратите ви се отворени. Ама вие седете си дома.

    30 септември
    Според последното истражување на Евробарометар, дури 75 отсто од граѓаните на Македонија сакаат да влезат во ЕУ. Никој не направил истражување дали 75 отсто од политичарите работат против влезот во ЕУ.

    6 октомври
    Комесарот за проширување на ЕУ Оли Рен му рекол на претседателот Бранко Црвенковски да се погледне во огледало и да каже дали Македонија му личи на земја кандидат за ЕУ. Јас сабајлево се погледнав во огледало. И можам да му кажам на Оли Рен дека не сум само кандидат, туку и сосема спремен за ЕУ. Само што европратеникот мене не ме ни прашува. Не само јас. Знам уште многу луѓе, можеби и речиси два милиона граѓани на Македонија кои ако не се спремни, барем се многу сериозни кандидати за ЕУ. Само што тие не се ни во Влада, ни во Собрание, па и нив никој не ги прашува. Не знам што гледа Бранко во огледалото пред себе, ама еве што гледам јас: Работам во фирма што ги плаќа даноците, пензиско и здравствено осигурување и пријавен сум на цела плата. Ги почитувам законите. Ги почитувам сите вери и националности и остро се противам на полова и сексуална дискриминација. Остварувам дијалог во секоја смисла на зборот и политички и неполитички. Ако со некого влезам во спор одам на суд и не вадам пиштол за да го убијам. Не носам калашников на свадба и не се тепам на работно место и на улица. Барам фискални сметки во продавница и пријавувам мито и корупција. Работам нормално работно време и пак успевам да остварувам. Плаќам патарина. Чекам во редици и за излез и за влез во земјата. Не доцнам на приеми и на состаноци. Поддржувам и домашни и странски инвестиции. Не возам 200 на саат низ град . Плаќам струја, вода и одржување на лифт, а ѓубрето го фрлам во контејнер. Гласам на избори. Извини, господине Оли Рен, ама моето огледало дава европска слика за мене. Ги исполнувам сите обврски кон државата. Значи се однесувам како секој нормален граѓанин на ЕУ. Дури и Грците ако ептен се заинаетат, па решат да ми прават проблеми, нема да имаат аргументи за да го блокираат моето европско интегрирање. Затоа што не се викам ни Александар.

    20 октомври

    Смртта на Тоше е ненадоместлива загуба за неговото семејство, но и за сите нас и за милиони фанови низ светот. Ама не можам да се согласам со Весна Петрушевска која на одарот рече дека “умре надежта за Македонија”. Не е точно дека умре надежта. Напротив. Надеж има, и тоа баш поради големината на делото на Тоше и неговиот личен пример. Доста ми е од самосожалување. Тоше со 26 години покажа дека можеш да си од сиромашно семејство, да си од затантено место како Крушево и од периферија како Македонија, а сепак да постигнеш светски успех и, што е најважно од сî со личен пример да покажеш добрина и хуманост. Ако со смртта на Тоше умреа добрината и хуманоста, тогаш Тоше џабе живеел. Ако ни е полесно да се самосожалуваме отколку да се инспирираме од неговата уметност, добрина и хуманост, тогаш и не сме заслужиле да излеземе од оваа забит и да му бидеме рамни на светот. Во моменти кога ќе те фати очај и кога ќе се препуштиш на традиционалната приказна за страдна Македонија на која сите ѝ мислат лошо и цел свет ѝ подготвува заговор, сети се на Тоше. Ако секој од нас, наместо да жали што го нема Тоше и да плаче над сопствената судбина, го следи неговиот пример за добрина и хуманост и даде сî од себе за тоа што го бидува, Македонија нема да биде ни јадна ни страдна, а и најголемиот заговор на светот нема да ја засегне. Еве, на пример, можеби баш смртта на Тоше ги освести и Претседателот и премиерот. Замислете, не се скараа кој прв ќе се појави на Плоштадот во Скопје, кој ќе оди во Крушево, кој прв ќе даде изјава… Портпаролите молчеа и за прв пат изгледаа паметно. Вистинската почит за Тоше, ама и за сите нас Претседателот и премиерот ќе ја покажат кога в година на 2 Август заедно ќе дојдат во Крушево. Затоа што уште од времето на Киро и Љубчо не се случило Претседателот и премиерот на Македонија да се најдат на исто место на Илинден.

    3 ноември
    Минатата сабота, кога конечно и Владата сфати дека победникот на тендерот за ТЕЦ “Неготино” конзорциумот “Хач” ги нема потребните документи, прашав дали се глупави, наивни или корумпирани. Откако Владата донесе одлука да не му ја продава термоцентралата на “Хач”, затоа што не доставил потребни документи, следуваше нова одлука. Термоцентралата нема да се продава никому, оти ѝ е потребна на државата. Обично премиерот кога објавува важни одлуки излегува и се слика со сите министри. Овој пат го пуштија само портпаролот Боцевски. Тоа не е фер. Зар не е остварување да задржиш толку важен објект за доброто на државата во државна сопственост, наместо да ти го земат за 60 милиони евра. Дали ако од “Хач” ги донесеа потребните документи, Владата ќе ја дадеше термоцентралата што толку многу ѝ требала на државата? Минатонеделното прашање дали биле глупави, наивни или корумпирани не држи. Не биле ни глупави ни наивни.

    8 декември
    Знаете ли што се најновите примери за македонскиот парадокс? Голем скопски газда живее и работи во дивоградба, не плаќа комуналии, а се жали на дупките по улиците и расфрланото ѓубре од контејнерите. Позната скопска менаџерка не плаќа даноци, а се фали дека хранела илјадници социјалци. Ако големиот газда плател комуналии, може и на улиците ќе немало дупки, оти Градот ќе имал пари да ги асфалтира. Ако познатата менаџерка плаќала данок, може немало ни да има потреба таа да биде хуманитарка. Социјалците ќе си ги плаќа државата. Би имала пари во буџетот. Во приказнава не ги споменувам слободните територии на Север и на Запад, оти за нив многу сум пишувал. Таму ни струја не плаќаат, а камоли даноци, а се главни упоришта на борците за човекови права. Во парадоксална Македонија граѓаните паѓаат на емоции и ги обвинуваат новинарите зошто прашуваат дали некој платил данок. Е па ајде да не прашуваме. Ама затоа сите среќни ќе си се лекуваме во болници затворени поради бактерии и ќе учиме во школи што се запалуваат од прастара инсталација. Кој вели дека треба да се помириме со животот во кој нашиот избор се или неспособни политичари, или газди што сакаат да станат политичари и да ја водат државата што ја крадат?

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари