ДИРЕКТОРКАТА ИЉАЗИ УПОРНО САКА ДА ВРАБОТИ 18 ЛИЦА СО ИСТЕЧЕНИ ДОГОВОРИ ЗА ДЕЛО, НЕ МОЖЕМЕ ДА СЕ РАЗБЕРЕМЕ СО НЕА ОТИ НЕ ЗНАЕ МАКEДОНСКИ, РЕКОА ЛЕКАРИТЕ ОД ТОКСИКОЛОГИЈА

    ДИРЕКТОРКАТА ИЉАЗИ УПОРНО САКА ДА ВРАБОТИ 18 ЛИЦА СО ИСТЕЧЕНИ ДОГОВОРИ ЗА ДЕЛО, НЕ МОЖЕМЕ ДА СЕ РАЗБЕРЕМЕ СО НЕА ОТИ НЕ ЗНАЕ МАКEДОНСКИ, РЕКОА ЛЕКАРИТЕ ОД ТОКСИКОЛОГИЈАПо прес-конференцијата на лекарите Иљази ги повика новинарите во сала, но збореше само албански и без превод, по што новинарите Македонци си заминаа.

    Економската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази не дозволува да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, а упорно бутка да се вработат 18 лица на кои им истекоа договорите за дело на 31.12.2023. Меѓу нив има и прекрасни лица, но има и лица кои немаат соодветно образование за тука, рече денеска д-р Нико Беќаровски, раководител на Одделението за интензивна нега на Клиниката.

    Д-р Беќаровски заедно со уште пет докторки од Стручниот колегиум на Клиниката реагираа на односот и отпорот на економската директорка Иљази, која е поставена на 14 февруари, и за која рекоа дека им е кажано оти е дипломиран економист, но немаат видено документи нити за образованието, нити за познавање јазици.

    По прес-конференцијата на лекарите, Иљази ги повика новинарите во сала. Кога дојде рече „здраво на сите“ и почна да зборува на албански јазик. Читаше документи, и кога новинарка ја праша дали ќе се обрати на македонски, таа рече нешто на албански јазик. Колегите од албанските редакции на новинарите Македонци и кажаа дека рекла „Не“, по што тие си заминаа.

    Д-р Беќаровски говореше дека немаат притисок од неа, дека не ни може да има притисок кога нема комуникација, туку дека едноставно после секој состанок на стручните колегиуми таа не ги почитува договорите.

    „Последниот состанок беше пред две и пол недели. Таа не знае македонски, јас пробав да комуницирам на англиски јазик, и не знам дали ме разбра. Сите разговори ѝ ги преведува друго лице, кое е меѓу тие 18 лица за кои таа инсистира да се вработат“, рече д-р Беќаровски.

    Тој уште на почетокот кажа дека сите лица присутни на прес-конференцијата се реномирани доктори со над 25 години стаж, дека не се активни членови на ниту една политичка партија и затоа одбиваат да бидат вклучени во какви било политички конотации.

    Во моментов не функционира Токсиколошката лабораторија, докторите се снаоѓаат со тестови и со еден лаборант, и тие им се за нивна внатрешна употреба чисто да знаат за какво труење станува збор.

    За тие 18 лица на кои им се истечени договорите, д-р Беќаровски кажа дека иако немаат никаква обврска, доаѓаат на работа, облекуваат мантили и доаѓаат и на визита.

    „Ние работиме со пациенти на кои им е битна приватноста и доверливоста. Навистина не е пријатно да зборувам на визита за пациентот пред лица на кои не им е тука местото. За шест години се сменија и министри и 5 директори. Секој си носеше свои кадри и стигнавме до 7-8 административци и 2-3 секретарки“, кажа д-р Беќаровски.

    Беќаровски кажа дека медицинскиот директор д-р Данил Петровски не можел да дојде на прес-конференцијата оти заглавил во сообраќај и оти верува дека овие состојби му се пренесени на министерот за здравство Илир Демири.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира