2014 – ДАЛИ НЕКОГАШ ЌЕ СЕ СМЕЕМЕ НА 2014

a:1:{s:14:"td_primary_cat";s:2:"21

    18 милиони

    15 февруари

    Состојбата е редовна. И под контрола. Единствено ми привлече внимание веста дека пензиите линеарно ќе се зголемат за 600 денари. И дека, конечно, главниот град има шанси да добие панорамско тркало кое ќе чини 18,2 милиона евра. Што се 18,2 милиона евра? Пари ли се тоа? За пензиите, алал да им е. А за панорамското тркало… Што можеш да кажеш за тркалото? Сé најубаво. Штом чини толку пари, мора да е убаво. Со покачувањето од шестотини денари, знам дека пензионерите можат да завршат многу работи. Реално, со тие пари се купуваат 20 векни леб. Или 12 литри млеко. Три кила смрзнато бразилско месо. Десет кила банани. Можат да платат и три заостанати радиодифузни такси за да не им ги блокираат сметките. Па дури и 30 денари кусур ќе им остане. Тамам за едно пакетче “дијазепам”. А што може да се направи за 18,2 милиона евра, колку што Градот Скопје има намера да потроши за тркалото? Еве, помислете што сé би направиле вие со 18,2 милиона евра. А ги немате. Оти ни Градот ги нема. Ќе треба да се задолжи. А и ЈСП, кое е формален инвеститор на тркалото, ги нема, оти со години работи со загуба. Ај да не правиме споредби колку болници, амбуланти, школи и градинки може да се реновираат или изградат за тие пари. Оти тоа се глупави споредби. Амбуланти и градинки се прават. И школи ќе се изградат. И возови ќе се купат. И автопатишта ќе се градат. И трамвај, кај и да е, ќе има. И подземната сообраќајница ќе почне да се гради. Тоа се тековни работи. Туку дај рационално да споредуваме. Колку карусели може да се купат за 18,2 милиона евра? Колку огради за мостови? Колку пајтони и расни коњи може да се донесат? Колку фасади ќе се обноват и ќе се осветлат? Колку фонтани може да плиснат? Колку први награди од 20.000 евра на Скопскиот фестивал може да им се дадат на пејачите? Колку врби во Вардар може да се насадат и колку од нив ќе родат грозје? Сето тоа би го имале. И ништо нема да ни фали. Само тркалото ќе го нема. И мостот кој ќе оди од плажата на левата страна кон галијата на десната страна на Вардар.

    Субрата

    1 март

    Субрата Рој го уапсиле во Индија затоа што не се појавил на судско рочиште за некои милијарди кои им ги должи на тамошните граѓани. Се правдал дека не дошол на суд оти била болна мајка му. Уф, ми олесна. Јас, пак, се загрижив да не му се болни кравите. Оние 20.000 крави што ги чекаат во Овче Поле.

    Ручек

    19 април

    Во земја во која малкумина паметат што се случило пред три дена и малкумина гледаат подалеку од први идниот месец, сосема е нормално на кој начин Уставниот суд ја заштитил слободата на говорот. Батали слобода. Батали демократија. Сето тоа е убаво за слушање, ама денеска треба нешто да се јаде. Е затоа Груевски и ВМРО-ДПМНЕ победуваат осум години. А во СДСМ, и по осум години во опозиција, сé уште се лути зошто не се на власт. И само тоа го прават. Се лутат. Чиста математика. Прво, ајде да видиме колку имаме наши сигурни гласачи. Толку. По толку, рамно на толку. Добро, ај сега да видиме колку имаме администрација. Толку? Помножи по два-три. Рамно на толку. А колку пензионери имаме? Толку по толку, рамно на толку. А социјалци? А земјоделци? На едните покачување на платите, на другите покачување на пензиите, на третите субвенции, на четвртите бесплатен превоз, 8.000 денари плата во германска инвестиција, малку бања, малку ветување за отпишување на долговите… Собрано, помножено, поделено, плус името не го даваме и дајте ми моќ за да не ме уценуваат Албанците, се добива резултатот кој во СДСМ, и по толку претрпени порази, не можат да го сфатат. Груевски знае од кого да земе и кому да даде. Никој не прашува дали Пензискиот фонд е во дупка и колку пари ние им даваме на странците за да инвестираат тука, но тоа не е важно. Важно е дека денеска ќе има ручек. Сосема друго прашање е дека бесплатен ручек нема. И дека, кога тогаш, ќе мора да се плати. Тоа ниту еден политичар нема да ви го каже. Затоа и изборот ни е сведен помеѓу бесплатен ручек на наша сметка или гладување. И кога секој од нас оди да гласа, си заокружува првенствено правејќи го својот домашен есап. Ми се исплати или не да го заокружам ова бројче? И, навистина, можеби многу луѓе се гладни за слобода и демократија. Ама повеќето луѓе се едноставно гладни.

    8 милиони

    3 мај

    Една недела по изборите и со осум милиони евра помалку во буџетот, дали некој се сеќава зошто воопшто беа распиш ани вонредните парламентарни избори? ДУИ, демек, му беше лута на партнерот во власта ВМРО-ДПМНЕ затоа што не í ја прифати идејата за некаков консензуален кандидат за Претседател. Не í се допаѓаше стариот претседател Иванов. И бидејќи Груевски ги послуша интелектуалците што почнаа да собираат потписи за втор мандат на Иванов и повторно го кандидираше, Али Ахмети побара вонредни парламентарни избори. А Груевски, демек, ја прифати фрлената ракавица. И после Ахмети водеше кампања за бојкот на претседателските избори. За да докаже дека без гласовите на Албанците не може да се избере Претседател. А Груевски водеше кампања за 62 пратеници. За да докаж е дека може да владее и без уцени од Албанците. И сега што добија? Груевски му покаж а на Ахмети дека може да се избере Претседател и без гласовите на Албанците. А Ахмети му покажа на Груевски дека без него не може сигурно да владее. Со осумте милиони евра кои ги потрошија за изборите, си купија уште некоја година на власт. Си се натпреваруваат самите со себе. Веќе не гледаат да победат некого туку важен им е резултатот. Евентуално успеаја да го избркаат СДСМ од Собранието. Нешто што, докажано, се остварува. И тоа не на клоци, како на 24 декември 2012, туку сосема легитимно и легално. Ги натераа самите да сфатат дека нема што да бараат во Парламентот. Сега сме раат. ВМРО и ДУИ здружено може да остварат сé што треба за евроатлантските интеграции, па и пошироко. Оти досега не можеа. Имаат и двотретинско мнозинство. Имаат и Бадинтерово мнозинство. Со вакви резултати, и референдум за името би бил играчка. Па и да им фали некој глас, ќе се најде некој од оние што шетаат по избирачки места од Пустец.

    ЦК

    21 јуни

    Премиерот Груевски во експозето за новата влада рече дека “слободата на медиумите и слободата на вршењето на професионалната новинарска дејност мора да бидат почитувани, обезбедени и промовирани од секој чинител. Сите чинители, и еснафот и Владата треба да придонесат за дигнитетот на новинарството, професионалната етика, за етичките принципи и стандарди”. Се надевам дека Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ си фаќаше прибелешки од говорот на лидерот.

    Хонорарци

    26 јули

    Откако во сите негови мандати им вети на пензионерите покачувања и им ги оствари, а знаеше дека во Фондот нема доволно пари за тоа, Груевски најде начин како да ја пополни дупката. Си донесе закон со кој придонесите за пензиско и здравствено осигурување ќе се плаќаат и за хонорарите. Законот како закон звучи добро. Затоа што со него се зајакнуваат работнич ките права. Кој би имал против на невработените хонорарци да им тече пензиски стаж? Кој би имал против хонорарците да се вработат? И верувам дека вакво решение за плаќање придонеси за хонорарната работа има во 95 отсто од земјите во Европа, како што рече премиерот. Ама сигурен сум дека ваков закон најдобро функционира во Норвешка. Не затоа што норвешкиот закон е подобар од нашиот. Туку затоа што во Норвешка законите неселективно се спроведуваат. Еве, да речеме, дури и да сме Норвеш ка. Да речеме дека дури да е законот најдобар на свет. Па и да го спроведеме по норвешки стандарди. Начинот и брзината со кои беше донесен овој закон не ми влеваат доверба дека е за општо добро и оти мотивот за донесување, пред сé, бил за заштита на работнич ките права, а не за уште една рекламна кампања дека се намалила невработеноста. Зошто олку клучни работи мора да се менуваат по брза постапка, од вторник до четврток? Законот ќе стапи во сила во јануари 2015 година, а се менува среде лето, и тоа пред два државни празници. Додека опозицијата го бојкотира Собранието, а половина од граѓаните се на годишен одмор, па не гледаат ни турски серии, а не, пак, вести. Додека судовите не работат, а факултетите се на колективен распуст. Ниту стопанските комори имаа време да се консултираат со членовите, ниту здруженијата на работодавци имаа време да прочитаат што им спакувала Владата, ниту, пак, медиумите имаа можност барем да отворат некаква јавна расправа. Како ниту еден бизнисмен не се јави, како ниту еден директор не даде свое мислење? Па и тоа пратениците можеа барем да одглумат дискусија, а не само да прочитаат што им подготвиле стручните служби од Владата. Барем да помислевме дека имаме и извршна и законодавна власт. И дека иако се од иста партија, ако им се оставеше повеќе време барем еднаш да го прочитаат, можеби некој и ќе кажеше нешто паметно, па ќе го подобреш е законот или барем ќе отвореше некои дилеми. Не. Зошто да се правиш паметен кога сите молчат? Од многу памет глава боли. А башка, не се пратеници во Норвешка. Во Македонија се. Повеќе дискусија се разви за имињата на јадењата во менито на кралската галија во Вардар отколку за суштински работи кои скоро сите ќе ги почувствуваме. Оти дали ќе ја јадеш Олимпија крвава до среднопечена на жар или белите бубрези на Букефал ќе ги комбинираш со Филип мињон и Александар во лук, нема толку битно да влијае врз нашите животи колку што ќе влијае дали некој хонорарец што со години чека вработување, конечно ќе дочека работа или ќе остане и без тој хонорар кој сега го зема. Но, очигледно, менито во првата антич ка галија на Вардар остава простор за дискусија. А законите на Груевски не.

    Среќа

    23 август

    Си гледам вести, и веќе воопшто не се изненадувам кога ќе ги слушнам еуфорич ните извештаи дека нешто е многу убаво, оти секој ден нешто расте, дека, за разлика од другите каде што е полош о, кај нас е изненадувачки добро… Па се јавуваат дописници од Штип, од Кочани, од Прилеп, од секое катче на нашата прекрасна татковина и известуваат дека “расте интересот на граѓаните”, па лицитираат со бројки, те 2.000 заинтересирани, те 5.000 заинтересирани, те дали бројката ќе стигне до 100.000. Дури и министерот за финансии Зоран Ставрески на терен изјави дека е задоволен од интересот на граѓаните… Чекај, чекај… За што расте интересот? Од што е задоволен министерот? На што се радуваат новинарите? Воздух не можат да земат од возбуда колку многу луѓе се пријавиле за отпис на долгови. Со гордост јавуваат колку многу луѓе кои до декември 2013 година заглавиле на банкарски картички, не плаќале струја, парно, телевизија, се пријавуваат на огласот. Но тоа не е сé. И во наредните денови уште повеќе ќе се јавувале. Сé мора да е нај, сé мора да е многу и сé мора да е добро во оваа држава. Па еве, добро е што има и многу сиромашни. Башка занесот добива и меѓународни димензии. Не се само Владата и македонските медиуми воодушевени од одѕивот на акцијата за отпис на долгови на најранливите категории граѓани. Дури и српските медиуми ја фалеле македонската Влада. И по социјалните мрежи се коментирало дека на сиромашните во Македонија им е поубаво. Сиромашните во Србија им завидуваат на сиромашните во Македонија. Па и за завидување е. Нашата сиромаштија е посреќна од нивната. Ме отепа позитивна мисла.

    Црква

    30 август

    На некоја од телевизиите одеше анкета за празникот Голема Богородица. Репортерот го прашуваше граѓаните што палеа свеќи за што се молат. Неколкумина одговорија дека на Богородица í се молат за да им се вработат децата. На погрешна црква се молат. Треба во партија да молат.

    Распродажба

    27 септември

    Овој весник во 2003 беше купен од Германци. И тоа беше странска инвестиција. Не дека не си го носеа профитот надвор. За тоа беа дојдени. Ама си купија и печатница. Си донесоа струја, вода, си платија комуналии… И, што е најважно, не им падна на памет да ги спуштат стандардите на работничките права кои веќе постоеја. Напротив, ги покачија платите на вработените. Плаќаа придонеси на цела плата. Поставија високи стандарди за почитување на работничките права и обезбедување социјална сигурност. Ги дигнаа стандардите на медиумскиот бизнис. И сите што тогаш отвораа медиуми, се трудеа да ги достигнат тие стандарди. И обуката во странство ни ја плаќаа. Не користеа никаква локална помош, освен нашиот труд и знаење. И ние ќар, и државата ќар. И благодарение на тоа, оваа компанија сега има највисоки стандарди за заштита на работничките права во медиумскиот бизнис, и без германски газди. А оваа инвестиција во која се вработила жената на министерот за странски инвестиции, го покажа вистинското лице на новите инвестиции. Не треба да им се лутиме на овие инвеститори што ние им плаќаме за да ни ги спуштат стандардите. Не се тие виновни што Владата нé распродава за по осум илјади денари и што плански ни ги урива работничките права. Оти државна политика е станат принципот: “Дојдете, тука имаме евтина работна сила, ќе ви работат за џабе, а ние ќе ви платиме за да се фалиме со вас”. СДСМ во деведесеттите ги распродаде фабриките за џабе. А овие го распродадоа народот за минималец.

    Бомба

    8 ноември

    Лидерот на СДСМ повторно се закани дека ќе открие афера бомба, после која Груевски ќе мора да си даде оставка за три дена. Ама аферата не ја открива. Туку го темпира времето. Значи, тоа е темпирана бомба. Првиот пат кога Заев откри бомба за време на изборите, се самоповреди со 50.000 евра на суд за клевета и навреда. Помина лесно. Што ако и вторава бомба не му успее? Особено што вика дека ако Груевски не даде оставка за три дена,тогаш тој ќе си даде оставка, сосе цело раководство. Тоа му доаѓа нешто како бомбаш самоубиец.

    Превоспитување

    29 ноември

    Како ли сме живееле пред оваа ВМРО-ДПМНЕ да биде на власт? Сме имале седумдесет години своја држава и сме живееле како дива орда? Нерегулирано, неосвестено и неосознаено? Па сега мора партијата на власт да нé превоспитува за да нé цивилизира? Во сеопфатната општествена акција на превоспитување, најновата мерка е за време на викенд да се дружат родителите и наставниците. Нормално, во присуство на учениците, за да се избегне пипкање. Оваа владина воспитна мерка доаѓа како логичен след на сите други досега. Се знае колку пати смееш да се разболиш. Кога смееш да се разболиш. Колку антибиотици смееш да пиеш. Каков инсулин треба да примаш. Колку пати смееш да одиш на рендген, а колку пати на испитување на тироида и на компјутерска томографија. Се знае дека не смееш да абортираш и оти треба да имаш најмалку три деца. Се знае дека не треба да одиш на одмор во Грција и оти мора да одиш во Охрид. Треба да бидеш културен и љубезен со странците. Ако си државен службеник, со државни пари мора да учиш англиски. Исто така, се знае што мораш да јадеш. Колку чекори треба да истрчаш. Зашто, нели Ти си Македонија. Како што почна кампањата за превоспитување уште во 2008 година. Ама тогаш не сфативме дека баш така требало да си Македонија. Оти, ако не ги почитуваш превоспитните мерки, тешко тебе. Или си јалова стара девојка, или си педер, или си дебел… Ако не се најдеш меѓу тие аномалии на општеството, тогаш сигурно си СДСМ. Или уште пострашно соросоид. И од тебе Македонија не бидува.

    Студенти

    13 декември

    Чуден некој протест се случи во средата. Се појавија некои деца што поинаков јазик. Си го кажаа своето мислење, ама без гнев, без плукање, без навреди,без закани и без самосожалување. Со многу хумор. И насмеани, како да одат на журка. Илјадници луѓе поминаа по улиците без еден инцидент. Дури ни ѓубре не оставија каде што помина маршот. А ни тревата не беше изгазена.Тоа малку ли им зборува и на власта и на опозицијата со кого си имаат работа?

    Убавина

    20 декември

    Јас не се сомневам дека Груевски има добри намери кога ги носи своите одлуки. Ама неговиот лидерски капацитет нема да биде засегнат ако некогаш послуша и друго мислење. Оти кога излегуваат луѓе на улица да се бунат, значи дека имаат нешто да му кажат. И колку и да е искрена неговата намера да ни го разубави животот, сепак, со сила убавина не бидува.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари