ТУРЦИТЕ НЕ СМЕАТ ДА ГРАДАТ ДВАЕСЕТКАТНИЦИ ПРЕД ДА ГО ИЗГРАДАТ ЈУЖЕН БУЛЕВАР ПОД ЗЕМЈА

    ТУРЦИТЕ НЕ СМЕАТ ДА ГРАДАТ ДВАЕСЕТКАТНИЦИ ПРЕД ДА ГО ИЗГРАДАТ ЈУЖЕН БУЛЕВАР ПОД ЗЕМЈА

    Турската фирма „Лимак холдинг“ не може да почне да ги гради дваесеткатниците и трговскиот центар во центарот на Скопје се додека не го изгради целосно подземниот Јужен булевар. На ова инвеститорот ги обврзува договорот со Град Скопје од март 2012 година кога им беше отстапено земјиштето за Јужен булевар во замена за подземната сообраќајница.
    При потпишувањето на договорот, пред четири години, градоначалникот на Скопје Коце Трајановски беше дециден дека Турците треба прво да ја изградат подземната сообраќајница.
    „Во договорот инвеститорот се обврзува додека не го изгради булеварот да не може да гради ниту една од содржините над него. Тоа значи дека хотелите, трговските центри, зградите ќе почнат да се градат дури откако булеварот ќе биде готов. Новата сообраќајница ќе биде 6 метри под земја, ќе биде долга 800 метри и ќе има по три сообраќајни ленти во секој правец“, изјави за медиумите градоначалникот Трајановски по потпишувањето на договорот.
    Турската фирма објави дека ќе изгради комплекс кој ќе стане нов симбол на градот, но не кажа кога ќе ја изгради подземната сообраќајница. Од Градот не добивме одговор на прашањето дали се сменети условите во договорот кои би им дозволиле на „Лимак“ истовремено да ги градат и објектите над земја и сообраќајницата под земја. Рекоа дека службите им се ангажирани околу поплавите па не можат да одговорат и замолија да имаме разбирање.
    И од агенцијата Публицис, задолжена за комуникација со медиуми во име на „Лимак“ не одговорија да прашањата дали е сменет договорот и кога ќе почнат да ја градат подземната сообраќајница.
    На почетокот на 2012  година турски „Лимак“, како единствен понудувач, за 3.2 милиони евра го купи земјиштето од 31.929 квадртани метри од државата, а подоцна Град скопје му го отстапи и земјиштето на кое е предвидена улицата.
    Експерите се сомневаат дека подземната сообраќајница навистина ќе се изгради оти инвеститорите имаа рок од една година да почнат со градба, кој истече уште во 2013 година.
    Ова е втората сообраќајница која Град Скопје ја предвиде под земја. Прва беше сообраќајницата под кеј 13 Ноември. И таму, инвеститорот на зградата во која сега е сместен „Телеком“ доби обврска прво да ја изгради подземната сообраќајница па дури потоа да ја изгради зградата. „Дивелоп груп“ и покрај ваквиот договор почна да ја гради и ја изгради прво зградата, а во меѓувреме Општина Центар го смени планот и улицата место под земја ја нацрта над земја.
    Според најавите на турската фирма на просторот зад Рамстор и околу Музејот на Град Скопје ќе се изградат четири дваесеткатници во кои ќе има 1000 станови, канцеларии, трговски центар, хотел и други содржини, а Турците најавија и дека градските власти ќе го возобноват Музејот на Град Скопје.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари