САРАЈСКИ ТЕСНЕЦ

А бе, златни деца има државата во која и испитот за чување државна тајна не е тајна.

    САРАЈСКИ ТЕСНЕЦ

    1 Кога ќе го прочиташ насловот на соопштението на ВРЕДИ: „Сарај влегува во меѓународна агенда“, чиниш се јавија коалиционите партнери на Владата директно од периметарот на Доналд Трамп да нѐ израдуваат со уште некое примирје на Блискиот Исток. Соопштението почнува со констатацијата дека „Општина Сарај влегува во ново поглавје на афирмација и меѓународна соработка“.

    Ајдеее… Што им текнало така да си помислат? Затоа што Општината ја посетила в. д. амбасадорката на САД Никол Варнс, што „сведочи за зголеменото внимание и почит кон оваа Општина“. Но, тоа не е сѐ. Претходно во Сарај бил и амбасадорот на Европската Унија Михалис Рокас со што, пази го сега ова: „Сарај за првпат се позиционира на агендата на клучните меѓународни фактори“.

    Лелеее. Еј! Да не сме трепнале за миг па да сме пропуштиле дека Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши се активно вклучени во преговорите за отварање на Ормускиот Теснец? А градоначаникот на Сарај Мухамет Елмази е теренски олеснувач во преговорите, директно вклучен од вливот на Треска во Вардар. Затоа што, како што велат во ВРЕДИ: „Сарај денес со Мухамет Елмази покажува дека има капацитет, визија и посветеност да биде активен дел од одлучувачките и меѓународните процеси“.

    Или во ВРЕДИ не живеат на оваа планета ако навистина веруваат дека „Сарај се претвора во референтна точка за дијалог и соработка“. Или, сакаат да испратат порака до коалициониот партнер ВМРО-ДПМНЕ пред најавениот конгрес на кој треба да прераснат во партија. Толку многу помпа во едно соопштение само за да му се прати порака на премиерот Христијан Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ: Американците се со нас, како што беа со ДУИ. Па и ЕУ е со нас. Затоа, пазете се од нас, не чепкајте нѐ. Ние сме новата ДУИ. Штом сме “референтна точка за дијалог и соработка“, јасно е дека ние сме новите миленичиња на странскиот фактор.

    2 Стварно мислат дека сме глупави, и власта и опозицијата, со надмудрувањата кој повеќе сака да го смени законот, за да може пратеник да биде само лице кое има исклучиво македонско државјанство. Ако толку сакаат, ако толку се сложни, нека не ни го губат времето, па нека си го донесат законот по скратена постапка.

    Ама за да го сменат законот, прво ќе треба да го сменат Уставот, затоа што според Членот 23, „секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции“.

    Зошто, едноставно, пратениците и функционерите не декларираат колку државјанства имаат? Како што избраните функционери декларираат во Антикорупциската комисија со колку пари во банка и имот влегуваат во политиката, така и кога се кандидираат за јавна функција нека декларираат во Државната изборна комисија (ДИК) со колку пасоши влегуваат во изборната трка. Не велам дека мора да се откажат од странското државјанство ако сакаат да вршат јавна функција, како што е случај во други држави. Ама, како гласач многу сакам да знам дали таа или тој што бараат моја поддршка за да носат одлуки во мое име, покрај мојата татковина имаат и друга, резервна татковина. Па после сам ќе си одлучам дали да го дадам гласот на таков кандидат. Не е тоа приватна работа. Кога си функционер, и прашањето колку пасоши имаш станува јавен интерес. Затоа што им ги даваме на управување нашите, јавните пари.

    Темата за функционери со бугарски пасоши нема да губи на актуелност, особено што на изборите во Бугарија победи Румен Радев, па извесно е дека ветото за влез во ЕУ ќе потрае. Ама ние што трпеливо чекаме во ЕУ да влеземе исклучиво со македонски пасош, сакаме на избори да знаеме кој од кандидатите за пратеник, иден премиер, министер, градоначалник, општински советник, амбасадор и друг носител на јавна функција има резервна татковина. Особено, ако баш тие ми водат изборни кампањи за гордост и невиткање кичма, а коленичеле и пееле бугарски песни во некоја полициска станица во Ќустендил или Благоевград за да добијат пасош на држава која во моментов е најголемиот непријател на Македонија.

    Ај, не нѐ замарајте со глупости. Ионака Европската Унија нѐ фрустрира надвор што нѐ третира како граѓани од пониска вредност, па сега уште и дома ќе се објаснуваме кој бил погорд Македонец.  Сте решиле да станете Бугари во ЕУ, сте се снашле, ќутете си и туркајте си. Не ни мерете нам, што сме останале само со македонски пасош, колку си ја сакаме Македонија.

    3 На последното рочиште на судењето за пожарот во Кочани се појави само една девојка како сведок. Адвокатите на обвинетите ја прашуваа дали е градежен инспектор штом сведочи дека гореле сунѓер и стиропор. Родителите на загинатите деца престанаа да доаѓаат на судењата.

    Само пет месеци откако почна судењето за пожарот во импровизираниот објект во кој на 16 март 2025 загинаа 63 луѓе и над 200 беа повредени, а нас веќе нѐ фати живата песок на македонското правосудство. И сѐ повеќе ќе тонеме.

    А не е дека не знаевме оти ќе биде вака. Дека на крајот, виновни ќе бидат тие што оделе во нелегалната дискотека. А тие што преживеале ќе ги тераат да докажуваат дека се невини.

    4 Царината фатила 20 часовници „епл“, што пробала да ги прошверцува некоја скопска мобиларница, и ги ставила во сеф додека трае истрагата. Арно ама, некој што имал пристап до сефот, значи, од Царината, ги извадил запленетите часовници и ѝ ги дал на мобиларницата да си ги продава, а внатре во сефот на нивно место ставил евтини копии.

    Е тоа се вика досетливо практикување на државната служба.

    Исто како поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска, која се досетила како да добие сертификат за чување државна тајна. Ја судат затоа што две години по ред испитот за безбедносен сертификат ѝ го полагал во нејзино име колега од Државниот завод за ревизија. Па уште и одличен резултат ѝ освоил. По што му пишала порака на телефон: „Злато си! Честам ручек“.

    А бе, златни деца има државата во која и испитот за чување државна тајна не е тајна.

    АУДИО ВЕРЗИЈА 

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира