НОЌНА СТРАЖА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:169:"Данедозволимеданeубиемолчењето.Данедозволимеданeубиестравот.Неканенeубиесрамот

    1. Да ви кажам искрено, оваа година се намачивме како да го одбележиме роденденот. Минатата година, кога славевме 13 години, 13 наши колешки се соблекоа по градници, со пораката “Не покажувај ми ги мене, покажи му ги на докторот”, со надеж дека тој потег ќе отвори гласна дебата за борбата против ракот на дојката и за заштита на женското здравје. И успеаја.
    По таков храбар потег на женскиот дел од редакцијата на “Вест”, што остана недоречено за оваа година?
    Решивме ова роденденско издание да го посветиме на заштитата на машкото здравје. Ама како да се сликаат 14 мажи за 14 години “Вест”, а да бидеме барем приближно симпатични како нашите колешки?
    Некому можеби нашата денешна насловна страница му изгледа смешно. Некому можеби му е наивна. За некого можеби е и шокантна. Ама ние решивме да го искористиме барокниот сликар Рембрант, и да направиме копија на неговото ремек-дело од 1642 година “Ноќна стража”.
    Зошто Рембрант? И зошто “Ноќна стража”? . Уметничкото дело на Рембрант многумина го толкуваат на различни начини. Впрочем, тука и се гледа вредноста на едно уметничко дело. Таа слика, иако одамна го надминала историскиот настан за кој била насликана, во историјата била инспирација за многу други уметници и за многу други уметнички дела. Мотото на нашиот весник е “Читај и мисли слободно”. Така што секој може слободно да си мисли што си сака, ако реши да толкува зошто сме се сликале вака. Нема да му се налутиме. Нема да му испратиме остар демант. И нема да го тужиме.

    2. Верувам дека секој од нас има болно искуство со некој близок што починал од рак. Ама ние не сме култура во која отворено се зборува за болести. Жените, како-така, се охрабрија. И во последно време сe поотворено се зборува за женските болести, се формираа здруженија, задолжителните прегледи се влезени во официјалната здравствена заштита. А мажите зборуваат за фудбал, се караат за политика, се надмудруваат за бизнисите, се фалат за женски и за коли. Ама многу ретко зборуваат за нивните маки со здравјето.
    Ние сакаме да го прекинеме молкот. Ако веќе не можеме директно да помогнеме да има повеќе прегледи, подостапна и поефикасна здравствена заштита, тогаш барем да отвориме муабет. Оти од молчење и од срам се умира. Нема срам во болеста. Никој не е виновен ако се разболи.
    Нашиот народ рекол: Во здраво тело, здрав дух. “Ноќна стража” е симбол на будност во секоја смисла. Ние сме чувари на добриот дух. А за да го задржиме добриот дух, мора и телото да биде здраво.

    3. Е затоа нам во “Вест” ни е многу поважен животот од политиката. Затоа уште од првиот број сакаме да покажеме дека има живот и надвор од политиката. И затоа отвораме теми кои другите обично ги ставаат на последните страници. Оти животот не е избор само помеѓу “ваши” и “наши”. Туку има многу поважни работи. И токму затоа ние 14 години се трудиме да бидеме чувари на слободниот дух, на слободната мисла и на ведрината. Затоа што животот треба да се живее.
    Нашата асоцијација на сликата на Рембрант е дека, ем како весник ем како новинари, сме постојано на стража. Нашата обврска е да бидеме постојано будни. И да ги прошируваме темите за кои треба слободно да се зборува.
    Да не дозволиме да нe убие молчењето. Да не дозволиме да нe убие стравот. Нека не нe убие срамот.

    П.С.
    Тоа што меѓу 14-те мажи на насловната има и една жена е затоа што Рембрант така сакаше.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари