Научниците утврдиле дека прататковината на сите живи луѓе денес е регион јужно од реката Замбези во африканската држава Боцвана.
Оваа област денес е солница, но во далечното минато била огромно езеро, каде што живееле нашите предци пред 200.000 години. Тие престојувале тука околу 70.000 години, кога се променила локалната клима, велат истражувачите.
Тие почнале да мигрираат откако се создале плодни зелени коридори, отворајќи го патот за идните преселби надвор од Африка.
„Веќе некое време беше јасно дека анатомски модерните луѓе се појавиле во Африка пред 200.000 години. Она за што долго време се дебатираше беше точната локација на појавата на нашите најрани предци, од каде што тие потоа почнале да се раштркуваат“, вели Ванеса Хејс, генетичарка од Институтот за медицински истражувања на Австралија.
Областа за која што станува збор се наоѓа јужно од базенот на Замбези во северна Боцвана. Истражувачите веруваат дека нашите далечни предци се населиле покрај огромен езерски систем, познат под името Макгадикгади.
„Тоа е екстремно голема област и таа била многу влажна и бујна. Откако останале тука 70.000 години, луѓето почнале да се движат. Имало три бранови на миграција“, вели Хејс.
Ова сценарио се базира на составувањето на човековото семејно стебло преку собирање стотици примероци на митохондриска ДНК од живи Африканци.