БИТОЛЧАНИ ЗА ЧИСТ ВОДУХ САКААТ ДА СЕ ПРЕСЕЛАТ ВО МАРИОВО

    БИТОЛЧАНИ ЗА ЧИСТ ВОДУХ САКААТ ДА СЕ ПРЕСЕЛАТ ВО МАРИОВОНема прецизна статистика, но над дваесет жители на Битола се вратиле во мариовските села. (Фото: СДК.МК)

    Додека другите региони во земјава се погодени од иселување, Мариово доживува обратен процес. Откако се асфалтираше патот до најоддалечените села Зовиќ, Груништа, Будимирци, Градешница и Старавина, жители на Битола се интересираат да се преселат таму, некои само преку лето, а други и во останатиот дел од годината.

    „По 34 години живот во Битола, одлучив да се вратам во Мариово, да пасам стока. Мајка ми почина и дојдов да го гледам татко ми, кој се занимава со сточарство, па и јас се нафатив. Имам 20 кози, 20 говеда и 200 овци со јагниња. Порано не чинеше патот, беше тампон и дождот го носеше, ама сега се оди со кола и носат леб и други намирници во селата. Барем чист воздух дишеме тука“, вели Петре Стојановски од најоддалеченото мариовско село Старавина.

    Откако е асфалтиран патот до Старавина, сега Битола е поврзана со сите пет најоддалечени мариовски села со афлатен пат (Фото; СДК.МК)

    Нема прецизна статистика, но над дваесет жители на Битола се вратиле во мариовските села. Меѓу нив има занаетчии, возачи, поранешни улилишни служители, трговци.

    „Последните неколку години трендот на иселување не само што се намали, туку и стагнира, но имаме и обратна ситуација. Откако го асфалтиравме патот од Рапеш до Старавина, сега Битола е поврзана со сите пет најоддалечени мариовски села со афлатен пат. Десетина семејства кои живеат во Битола, а се по потекло од тие мариовски села, се заинтересирани за враќање назад. Се интересираат дали има плацеви или куќи за продавање таму“, рече градоначалникот на Новаци, Љубе Кузманоски.

    Годинава, од регионалниот пат во Мариово беа асфалтирани три километри, а лани девет, со што асфалтен пат стигна и до најдалечните места во Мариово. Иронијата да биде поголема, претходно некои од селата имаа асфалтирани улици, но немаа асфалтен пат до нив. Од Битола до Старавина има 52 километри, од кои само 37 беа асфалтирани, а останатиот земјен пат посипан со чакал го носеа дождот и снегот, па освен со џип, тешко беше да се стигне во овој еколошки предел. Порано Мариово имаше 14.000 жители, а сега нешто повеќе од стотина.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира