ДА ГИ СМЕНЕВ ЛИКОВИТЕ ВО „ПАНТАГЛЕЗ“ СО АКТУЕЛНИ ЛИЧНОСТИ ЌЕ НИ ЈА ЗАБРАНЕА ПРЕТСТАВАТА, ВЕЛИ МИЛЧИН ПРЕД ПРЕМИЕРАТА ВО ДРАМСКИ

    ДА ГИ СМЕНЕВ ЛИКОВИТЕ ВО „ПАНТАГЛЕЗ“ СО АКТУЕЛНИ ЛИЧНОСТИ ЌЕ НИ ЈА ЗАБРАНЕА ПРЕТСТАВАТА, ВЕЛИ МИЛЧИН ПРЕД ПРЕМИЕРАТА ВО ДРАМСКИ„Човештвото не научило ништо по сите револуции и контрареволуции. Денес луѓето знаат помалку од она што го знаеле по завршувањето на последната Втората светска војна“, вели режисерот Милчин за претставата. - Сцена од „Пантаглез“ (Фото: Ф. Кондовски)

    Режисерот Владимир Милчин по 16 години има премиера во Драмски театар, претставата „Пантаглeз“ од Мишел де Гелдерод, која е најавена за в сабота од 20 часот. Станува збор за истиот текст со кој Милчин дипломирал во Драмски во 1970. Насловниот лик тогаш го играл Ацо Јовановски, сега го игра Зоран Љутков. Рахела била Милица Стојанова, а денес е Соња Стамболџиоска. „Едвај чекам да видам што ќе ми каже Милица по премиерата“, вели Милчин.

    Текстот е напишан 1929. „Поразителен факт дека текст што е напишан пред 90 години, денес звучи како да е напишан денес. И тоа е страшно, дека ние сме некаде во ситуација на потполн пораз на цивилизацијата, на хуманоста, на човечноста. Да погледнеме што се случува на планетава на која владеат демагози, популисти, бескрупулозни, преку ноќ збогатени луѓе, многу често поврзани со тајните полиции, со државните служби за безбедност.
    Човештвото не научило ништо по сите револуции и контрареволуции. Денес луѓето знаат помалку од она што го знаеле по завршувањето на последната Втората светска војна. Овој организиран заборав ги прави можни и катастрофите низ кои поминува човештвото на почетокот на 21 .век за кој наивно верувавме дека ќе го живееме во ‘најубавиот од сите светови’“, вели режисерот.

    В. д директорката на Драмски, Катерина Коцевска со дел од екипата на „Пантаглез“: Манасковски, Митрески, Љутков, Милчин, Стамболџиоска, Доксевски, Вујисиќ и Степанулески (Фото: СДК.МК)

    Актерот Лазе Манасковски рече дека текстот е толку актуелен, што ако ги променеле имињата на ликовите во вистински актуелни домашни личности, „или билетарата ќе беше пребукирана или претставата ќе ни ја забранеа“.
    Професорот Милчин се согласи со него, но додаде дека имињата не смеат да се променат оти авторот е мртов. „Да беше жив Гелдерод, ќе побарав авторизација. Мртов автор е мртов автор. Со тоа уште толку ќе придонесевме за заборав“, кажа тој.

    Во претставата играат и: Александар Степанулески, Дамјан Цветановски, Димитрија Доксевски, Златко Митрески, Игор Георгиев, Предраг Павловски и Филип Петровски. Сценографијата е на долгогодишниот соработник на Милчин, Крсте Џидров, а костимите на Марија Пупучевска. Плакатот е на Нита Муча, а изборот на музика го направи режисерот.

    Б. НЕСТОРОСКA

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира