Драганчо Стоименов, поранешен телохранител на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, вчера избегал од домашен притвор, кој му беше одреден од Основниот суд Кочани за обид за убиство.
„На лицето за кое прашувате судот му одредил мерка куќен притвор и според надлежноста, полицијата неколку пати во текот на денот прави проверки. При последната проверката извршена вчера е констатирано дека лицето не е дома односно не ја почитува мерката на судот и за тоа веднаш е известен судот. По наредба на судот веднаш се преземени мерки и активности за пронаоѓање на лицето“, велат од МВР.
Тој бил дома вчера при првата проверка, но при последната, веќе не. Од МВР се чудат како обвинет за обид за убиство добил куќен притвор и ги прозиваат официјално обвинителството и судовите дали знаат какви мерки за тешки кривични дела предлагаат и одобруваат.
Кочанецот Стоименов беше во бегство три месеци откако пукаше во кафеана во сограѓанинот Драган Здравев и во април годинава сам се пријави во Основното јавно обвинителство Кочани.
Во 2012 година, Стоименов беше ранет од Александар Василевски-Нинџа, кој беше осуден на 10 месеци затвор за нанесување тешка телесна повреда.
С. К. ДЕЛЕВСКА