Три комплети дијамантски накит се украдени денеска од музејот Зелен трезор во источногерманскиот град Дрезден, кој ја содржи една од најголемите колекции драгоцености во Европа.
Полицијата соопшти дека секој од тие историски комплети се состои од 37 парчиња и се стравува дека крадците би можеле да се обидат да ги искршат. Властите сѐ уште истражуваат што сѐ е однесено во грабежот што ја шокираше Германија.
Владетелот на Саксонија Августус Силниот ја создал колекцијата во 1723 година и таа оттогаш се чуваше во еден од најстарите музеи на светот. Се верува дека меѓу украдените драгоцености има и рубини, смарагди и сафири.
„Три од десетте комплети се украдени“, изјави Марион Акерман, директорката на музејот.
Драматичниот грабеж бил изведен во пет часот наутро, откако во областа снемало струја поради пожар во околината, што ги исклучило и алармите во музејот. И покрај тоа, безбедносните камери снимиле двајца мажи како упаѓаат во музејот. Полицијата пристигнала по само неколку минути откако била алармирана, но крадците веќе биле избегани со пленот. Таа подоцна пронашла запален автомобил во Дрезден. Засега нема осомничени за грабежот.
„Не можеме да ја процениме вредноста на украдените предмети бидејќи е невозможно тие да се продадат. Материјалната вредност е ништо во споредба со историската“, додаде Акерман.
Весникот „Билд“ објави дека украдените драгоцености вредат милијарда евра.
Зелен трезор се состои од десет простории, во кои се чуваат 3.000 вредни предмети.