АКО СЕ ДОНЕСЕ НОВИОТ ЗАКОН ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА БЕСПРАВНИ ОБЈЕКТИ, НАЈМНОГУ ЌЕ ПРОФИТИРА УРБАНАТА МАФИЈА, ВЕЛИ ШТИПСКАТА АДВОКАТСКА КОМОРА

    АКО СЕ ДОНЕСЕ НОВИОТ ЗАКОН ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА БЕСПРАВНИ ОБЈЕКТИ, НАЈМНОГУ ЌЕ ПРОФИТИРА УРБАНАТА МАФИЈА, ВЕЛИ ШТИПСКАТА АДВОКАТСКА КОМОРААдвокатот Љупче Докузов и другите од Адвокатската комора најавуваат дека ќе се обидат да го оспорат новиот закон пред Уставниот суд ако биде донесен во Парламентот (Фото: СДК.МК)

    Новата верзија на Законот за легализација на бесправни објекти, која наскоро треба да се најде во Собранието, ја разбранува пошироката јавност, а посебно адвокатската фела, која смета дека тој оди во прилог на транзициските богаташи и урбаната мафија во државата. Адвокатската комора во Штип преку младиот адвокат Љупчо Докузов јавно излезе со став дека текстот на Законот е скандалозен и противуставен, затоа што масовната легализација е политичка одлука која ги еродира урбанистичките планови, а со тоа и правната држава.

    „Факт е дека со ваквата легализација на некој начин се казнуваат сите чесни граѓани кои во изминатите години легално изградиле објекти во рамките на ДУП, а се наградуваат оние кои градеа на диво, без овластена градежна фирма, со необучени мајстори и без урбанистичка документација, односно плаќаа по едно евро за квадрат, цена која важеше како во Мариово, така и во Скопје“, вели Докузов.

    Тој својот став го поткрепува со фактот дека од досега спроведената легализација најмногу профитираше урбаната мафија, која не легализираше семејни домови, туку деловен простор за експанзија на својот капитал на сметка на државата, и тоа за надомест од 15 до 100 евра, за што досега добивме многу негативни оценки од ЕУ.

    „Осилени и обогатени од претходниот Закон, повторно истите лица ќе бараат легализација на деловен простор и за тоа прифаќаат секаков надомест за легализација. Но, сето тоа ќе се одвива на сметка на поранешната средна класа на граѓани кои за легализација исто така ќе плаќаат 150 проценти повисок надомест, со таа оргомна разлика што тие ќе ги легализираат своите домови, а бизнисмените своите деловни простори“, вели Докузов, кој веќе се специјализирал за легализации и приватизации.

    Според Државниот завод за статистика, заклучно со 2018, од поднесените 430.000 барања за легализација на бесправни објекти има 200.000 нерешени предмети, а според информациите од градежните инспектори, од 2011 до 2018 година евидентирани се 70.000 дивоградби.

    „Овие официјални податоци ни даваат за право да констатираме дека со континуирано донесување на закони за легализација не се намалува, туку, напротив, се зголемува бројот на бесправни градби. Со донесување на Законот за легализација на бесправни објекти на извесен начин се суспендира кривичното дело бесправно градење, за кое обвинителите ретко поднесуваат обвинение, а кривичните судови пресуди, бидејќи обвинетите ја одолжуваат постапката, со изговор дека чекаат легализација на дивата градба. За ова кривично дело е предвидена казна од најмалку три години затвор“, велат од адвокатската комора во Штип.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира