ПРЕЧКИТЕ ОД ОКОЛИНАТА СЕ ПОГОЛЕМИ ОД ПОПРЕЧЕНОСТА НА ДЕЦАТА – МАРШ ЗА ПОДДРШКА ВО КУМАНОВО

    ПРЕЧКИТЕ ОД ОКОЛИНАТА СЕ ПОГОЛЕМИ ОД ПОПРЕЧЕНОСТА НА ДЕЦАТА – МАРШ ЗА ПОДДРШКА ВО КУМАНОВОМаршот во Куманово беше по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, а родителите велат дека секојдневно се соочуваат со огромни проблеми, пред сè од околината, но и од надлежните институции во процесот на интеграција на нивните деца. (Фото: СДК.МК)

    Стотина родители, деца и граѓани денеска маршираа низ кумановските улици, заради поголема поддршка на лицата со пречки во развојот, по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Родителите велат дека секојдневно се соочуваат со огромни проблеми, пред сè од околината, но и од надлежните институции во процесот на интеграција на нивните деца.

    „Најпрво се соочуваме со проблеми при прифаќањето на децата. Проблем е со прифаќањето од околината, општо од персоналот, зависно од тоа во која образована институција се наоѓа детето, и од останатите дечиња. Треба родителите уште од најмала возраст да ги учат дечињата дека не се сите исти, туку дека се сите различни, но сепак сите треба да бидат исто прифатени. Од друга страна, институциите се глуви за нашите потреби, логопетски и дефектолошки третмани не постојат за нашите дечиња. Се` што правиме, правиме приватно со сопствени сили. Нашата финансиска ситуација ни овозможува да си го дозволиме тоа, но има многу дечиња на коишто родителите не можат да им го дозволат тоа, а сепак нивниот развој и вклученост во општеството зависи од тие третмани. Но и за родителите е тешко, затоа што и ние навистина тешко се справуваме со предизвиците, најпрво со прифаќањето на твоето дете со нетипичен развој, а потоа и како да се избориш со тоа како родител“, вели мајка на дете со пречки во развојот.

    Таа додава дека и покрај тоа што воведувањето на образовните асистенти покажало одреден напредок, сепак тоа не е доволно, бидејќи во реалноста одделенијата се со голем број ученици, па на децата со нетипичен развој не може да им се посвети доволно внимание.

    Маршот го организираше Дневниот центар за лица со попреченост „Порака наша“, каде се сместени 21 корисник со умерена и тешка интелектуална попреченост над 18-годишна возраст, кој се финсира со помош на Општина Куманово, со проекти и донации.

    „Потребно е системско решение, потребна е поддршка од Министерството за труд и социјална политика, потребни се мали групни домови со 24-часовна поддршка, затоа што ние работиме со возрасни корисници на коишто нивните родители се веќе постари и размислуваат што ќе се случи кога нив ќе ги нема. Она што и сите ние го имаме како задача и општествена одговорност, е да изградиме систем којшто ќе ги зајакне капацитетите на сите граѓани во самата заедница, посебно на лицата со попреченост, со тоа што ќе ги искористиме нивните способности и ќе ги насочиме да станат активни граѓани во заедницата“, рече дефектологот Фросина Симоновска.

    Покрај Дневниот центар Порака наша, во Општина Куманово функционира и Центар за лица со попреченост до 18 години, кој го финсисра државата, но потребата за згрижување деца е многу поголема од нивните капацитети.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира