ЛОКАЛИТЕТОТ ПЕШТИ КАЈ ВЕЛЕС БЕШЕ ОРНИТОЛОШКИ РАЈ, А ДЕНЕС ПТИЦИ ИМА ПОМАЛКУ ОД ПРСТИТЕ НА РАЦЕТЕ

ЛОКАЛИТЕТОТ ПЕШТИ КАЈ ВЕЛЕС БЕШЕ ОРНИТОЛОШКИ РАЈ, А ДЕНЕС ПТИЦИ ИМА ПОМАЛКУ ОД ПРСТИТЕ НА РАЦЕТЕПешти е прогласен за орнитолошки предел од европските стручњаци во 1989 година. (Фото: СДК.МК)

Во близина на Велес, по долниот тек на реката Бабуна, се наоѓа локалитетот Пешти. Оваа природна реткост во минатото била дом на птици, кои денес се ретки, а некои од нив и загрозени. Времето, но и човекот придонеле овие ендемски птици да се иселат, да исчезнат и денес да бидат реткост. Меѓу карпите, кои се креваат и до стотина метри во височина, се гнездат ретки птици, на кои оваа убавина им е дом.

Д-р Методија Велевски, биолог орнитолог, објаснува дека во локалитетот птиците ги има помалку од прстите на рацете.

Ретките птици се гнездат меѓу карпите, кои се креваат и до стотина метри во височина. (Фото: СДК.МК)

„Засега со сигурност се знае дека има една двојка од глобално загрозениот египетски мршојадец, од кој во Македонија се останати само околу 15 двојки. Други поретки видови кои ги има се црниот штрк, златниот орел, сивиот сокол и, можеби, уште неколку други. Целосно се исчезнати белоглавите мршојадци, кои во минатото, до околу 1985, се гнезделе во овие клисури, а моментално во Македонија има останато само пет двојки од нив. Карполазачот е зимски гостин, а царскиот орел, иако редовно го гледаме, не знаеме од каде доаѓа, каде се гнезди во околината. Црна луња одамна немаме видено на Бабуна, а и претходно веројатно била нередовна“, вели д-р Велевски.

Бројноста на овие птици е непроменета последниве 15-ина години, по една двојка од сите наброени.

Причината зошто овие ретки птици ги има сѐ помалку на Пешти или исчезнале е директно човекот, а индиректно и климатските промени. Човекот директно влијае првенствено труење, но и со вознемирување и повремен криволов. А поради урбанизацијата и дивоградбите во самата клисура се менува микроклимата.

„Подрачјето е премало за да се преземат концентрирани мерки за заштита од типот на воспоставување на хранилиште, но е опфатено со генералните мерки, како национална превенција на користење отров и едукација. Корист ќе има од воспоставување на законска заштита и контрола на присуството на луѓе и урбанизацијата на дивоградбите во самата клисура“, смета Велевски.

Локалитетот Пешти е прогласен за орнитолошки предел од европските стручњаци во 1989, бидејќи тука тогаш биле присутни бројни птици. За тоа дека овој предел бил дом и на белоглавиот орел зборува и спелеологот Слободан Ѓоргиев од Велес, кој често го посетува Пешти заедно со Борче Јовчевски, учесник во експедицијата на освојување на Монт Еверест во 1989.

Пред некоја година, тие се симнале во јама длабока 40-ина метри, каде на големо изненадување пронашле одлично сочувани тела на починати птици. Ги испитувале пештерите над реката Бабуна и во една од нив пронашле тела на два пара мртви белоглави орли.

Пред неколку години, во јама длабока 40-ина метри се пронајдени одлично сочувани тела на починати птици. (Фото: СДК.МК)

„Орлите како да беа мумифицирани, како и многу коски од други починати птици. Ова е интересно откритие бидејќи во овој локалитет веќе петнаесетина години ги нема овие со закон заштитени птици“, вели Ѓоргиев.

За нив е чудно што орлите биле одлично сочувани со пердуви на телата. Тие не можат да кажат колку време биле умрени и од што. Пештерата била длабока околу 40 метри, безмалку вертикална, но со скалест приод.

„Чудно е што овие ретки птици ги најдовме долу, бидејќи тие во темнина не гледаат, а прашање е како се симнале таму, зашто теренот е со пречки. Згора на тоа, има измет, што значи дека тие таму умирале полека, со денови“, објаснува Ѓоргиев.

При пронаоѓањето на телата на птиците, тие измериле дека се долги еден метар, со распон на крилјата од 2,5 метри.

Тој потсетува дека пред петнаесетина години нашле слична гробница во пештера од спротивната страна на реката, наречена Бунар, каде имало тела од умрени белоглави орли.

П. ПЕЧКОВ

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира