ВЛОЖИВМЕ МИЛИОНИ, А МОРАМЕ ДА ГО МОЛИМЕ СОБРАНИЕТО ДА ГО ДОНЕСЕ ЗАКОНОТ, ВЕЛАТ ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА МЕДИЦИНСКА МАРИХУАНА

    ВЛОЖИВМЕ МИЛИОНИ, А МОРАМЕ ДА ГО МОЛИМЕ СОБРАНИЕТО ДА ГО ДОНЕСЕ ЗАКОНОТ, ВЕЛАТ ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА МЕДИЦИНСКА МАРИХУАНАЗдружението „Макканабис“ смета дека законот ќе биде добар за македонската економија (Фото: К. Попов)

    Производителите на медицинска марихуана обединети во здружението „Макканабис“ побараа од Собранието итно да го донесе Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, истакнувајќи дека во моменталната ситуација трпат не само нивните бизниси, туку и економијата на државата.

    Овој закон веќе помина во Владата, но во услови кога се ближат нови избори, тие апелираат до Собранието да реагира што е можно побргу.

    „Имајќи предвид дека доаѓаат избори, ако може уште вчера да го донесат законот. Ни гори на сите. И не е само законот, треба да се донесат и низа подзаконски акти за да немаме проблеми во секојдневното работење. Затоа апелираме до сите политички партии што се во Собранието, крајно време е да се донесе законот. Да ги оставиме на страна меѓупартиските препукувања, ова треба да помине со консензус. Ова е суштински потребно за индустријата. Бруто домашниот производ ќе се зголеми, економијата сериозно ќе се крене, ќе се отворат нови работни места, а и сите странски инвестиции ја чекаат оваа промена“, изјави Костадин Дуковски, претседателот на „Макканабис“.

    Друг проблем е што не знаат што да прават со отпадот, кој содржи ТХЦ и ЦБД и исто така може да се искористи и да донесе приход.

    „Макканабис“ обединува 40-ина правни лица кои произведуваат медицинска марихуана и Дуковски вели дека моментално сите се во загуба затоа што се во фаза на инвестирање.

    „Не верувам дека во Европа ќе најдете друга земја каде што луѓето кои инвестирале милиони евра излегуваат пред државни институции и држат прес-конференции за да бараат помош и протестираат. Ова праќа лоша порака кон други кои сакаат да инвестираат. Стоиме во точка од која што не гледам поместување“, кажа Гоце Јосифовски од „Канаб“.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира